Македонија
Денови на св. Мајка Тереза во АРМ
Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“, денеска, со почеток во 20 часот, во Домот на АРМ во Скопје организира свечена академија со која и официјално ќе заврши традиционалната дваесетта по ред манифестација Денови на св. Мајка Тереза, која годинава е под знакот на 109-годишнината од нејзиното раѓање.
На академијата, која се одржува на денот на упокојувањето на св. Мајка Тереза, на истакнати хуманисти и здруженија ќе им бидат доделени традиционалните посланија за хуманост и статуетки со ликот на св. Мајка Тереза.
Годинешни добитници се: граѓанските хуманитарни здруженија „Банка за храна“ (претседател Душко Христов) и „Еурохуман интернационал“ (претседател Сејфула Бектеши), Општина Центар (градоначалник Саша Богдановиќ), Месната заедница Ласкарци – Општина Сарај, Мики – Ли Мијалчиќ – заменик-командир во ПС Центар, Сергеј Самсоненко – бизнисмен и хуманист, Свето Стаменов – новинар на Македонското радио – Радио Скопје, публицист и хуманист, Злате Поповски – македонски иселеник, добротвор и хуманист од Мелбурн, Австралија, и 13-годишниот охридски пливачки маратонец Марко Пејчиновски. Во музичкиот дел на манифестацијата ќе настапат Мандолинскиот оркестар при МКЦ – Скопје, со солистите Вултет Назири (обоа) и Јане Дунимаглоски (тенор), под диригентство на Ванчо Јовчев, оперската певица Серафина Фантаузо, а музички партитури на виолина и пијано ќе изведат Ева и Марија Богоевски. Водител на програмата ќе биде Билјана Дебарлиева.
Инаку, манифестацијата Денови на св. Мајка Тереза почна на 26 август, роденденот на св. Мајка Тереза, со полагањето свежи цвеќиња на спомен-плочата на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – св. Мајка Тереза во центарот на Скопје и пред нејзиниот споменик на улицата Македонија, а потоа во Домот на АРМ беше отворена изложба на ликовни дела и фотографии посветени на Гонџа Бојаџиу – св. Мајка Тереза и на фотографии од старо Скопје и беше промовирана збирката песни „Со почит кон Мајка Тереза“ од група автори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.
Македонија
Воздухопловните сили на Италија од денеска ќе патролираат над македонското небо
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го потпишаа Техничкиот договор со кој Италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо.
Министерката Петровска по потпишувањето истакна дека со вклучувањето на Италија во оваа НАТО мисија, единството во Алијансата го гледаме на дело.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече министерката.
Со Италија изградивме вистинско сојузништво и развивме силна соработка, рече Петровска, и додаде дека фактот дека италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
Италијанскиот министер Крозето порача дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Северна Македонија и дополни дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Небото на Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.