Македонија
Дескоска: Нема напредок во денешните разговори за законот за ЈО
Во Министерството за правда се одржа нова средба за предлог-законот за Јавното обвинителство. Средбата била меѓу министерката за правда, Рената Дескоска, советникот на премиерот, Бојан Маричиќ, пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, и претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Панче Тошковски.
„Денеска, отворивме точки каде што реално имаме крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ и затоа, за жал, не можевме да постигнеме одреден напредок во денешните разговори. Разговаравме претежно за точките што се разликуваат со нивниот предлог-закон со оној што е поднесен во Собранието“, рече Дескоска.
„За жал, одредени решенија, кои многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички, беа позициите на кои тие останаа во текот на денешните разговори. Една од точките е дека бараат целосна строга централизација на системот на Јавното обвинителство, што ќе значи дека јавниот обвинител Јовевски или кој и да биде, да е човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнообвинителската функција во државата, значи на луѓето што се на чело на другите обвинителства, со престанокот на државниот обвинител, да им престане и мандатот и на тие лица“, рече министерката.
Таа потврди дека остануваат клучните разлики за прашањето за идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите.
„Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ, треба да дојде до целосно демонтирање на СЈО, но, за жал, и на Обвинителството за организиран криминал“, рече Дескоска.
Трета клучна разлика е за статусот на предметите што ги води СЈО во моментот. ВМРО-ДПМНЕ инсистира да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новоото обвинителство да ги гони предметите од прислушуваните материјали.
„Кај нив недостигаат надлежности на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција, кои ќе се однесуваат на изборите и гласањето, за злоупотреба на ИПА-фондовите, за злоупотреба на јавните набавки, тие надлежности во нивниот предлог се избришани како надлежност на новото обвинителство“, рече министерката.
На новинарско прашање дека се споменуваат припадници на власта кои се блиски до луѓето што сега се осомничени во оваа афера за рекетот, Дескоска рече: „Блискоста не е основ за кривично дело, но ако има инволвираност во кривични дела, тогаш треба правдата да биде безмилосна за сите. Значи, сите треба да одговараат, без оглед дали се луѓе од власта, дали се од опозицијата, дали се од Обвинителството. Во тој дел се залагам за неселективност во гонењето на сите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.