Македонија
Димитров од Вилнус: Направивме огромни чекори во европски дух, но пречките никако да изостанат
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес во Вилнус имаше средба со министерот за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, со што ја заокружи дводневната посета на двете балтички земји кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.
Димитров се осврна на блиската соработка со Литванија воспоставена преку Вилнус групата уште од 2000 година, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО врз основа на принципот на солидарност, што се заокружи со влезот на Северна Македонија во алијансата. Главниот фокус на средбата беше ставен на заокружување и на втората стратешка цел, отпочнување на евроинтегративниот процес кој дополнително ќе ја зајакне безбедноста, но и демократизацијата на нашиот регион. Тој потенцираше дека Европа не може да биде комплетирана без интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, бидејќи најважен предуслов во таа насока се стабилни и фер институции и владеење на правото, што, пак, се главни императиви на пристапниот процес.
„Веќе долго време одиме по пат поплочен со бројни предизвици кои на моменти изгледаа и ненадминливи, направивме огромни чекори во европски дух, но пречките никако да изостанат. Иако немаме намера да се откажеме, мора да се направи јасна граница меѓу условите за почеток на преговорите и билатералните барања кои не се на линија на европските вредности. Долгочекуваниот и повеќе од заслужен официјален старт на нашиот европски пат ќе претставува валидација на досегашниот активен ангажман на македонската страна и силен поттик за одржување на стабилноста и безбедноста, но и голем придонес за регионот што истовремено ќе внесе повеќе од потребна надеж за зачувување политиката на проширување на ЕУ“, изјави Димитров.
Министерот Ландсбергис го потврди одлучниот став на Литванија за продолжување со континуираната и видлива поддршка на нашата европска интеграција, што отвора и дополнителна можност за натамошно унапредување на билатералната соработка во областите од заемен интерес и споделување на искуствата од преговарачкиот процес. Соговорниците заеднички оцениле дека економската и инвестициска соработка се недоволно развиени со оглед на потенцијалот, поради што се потребни заеднички заложби за нивно продлабочување.
Пред литванските парламентарци, Димитров се осврнал и на конкретниот напредок во клучните реформски области од првиот кластер „Темели“ и цврстата решителност на Северна Македонија за зајакнување на институциите како еден од клучните чекори на нашиот пат кон ЕУ.
Литванските парламентарци го делат ставот дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, известуваат од неговиот кабинет.
По Рига и Вилнус, Димитров ќе ја заокружи балтичката турнеја со посетата на Талин, на 7 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.