Македонија
Димитриевски: Лица од МВР три недели нè следат мене и мојот тим, тоа е вршење притисок поради изборите
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кого утрово полицијата го сопре и го прaти со возилото на технички преглед, на прес-конференција попладнево соопшти дека тој и неговиот тим биле следени од полицијата веќе три недели. Тоа го разбира како тортура и притисок од одредени полициски службеници поради неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат.
„Јас како кандидат за градоначалник и сите мои поддржувачи и активисти од штабот ’За наше Куманово’ сме предмет на физичко и друго следење од страна на одделни лица вработени во Министерството за внатрешни работи. Денеска, кога го напуштив работното место и се упатив кон мојот матичен лекар за да одам на редовен преглед и да примам терапија, се упативме со лицето Дејан Димитриевски, кој го управуваше возилото, кое е уредно и технички исправно. Бевме следени целиот тој период од страна на бело возило со полициски таблички, управувано од возачот на актуелниот началник на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ.
Возилото во кое бил градоначалникот го сопреле тројца полицајци, побарале полномоштво за Дејан Димитриевски, кој го управувал возилото што им било дадено, а потоа ги пратиле на вонреден техники преглед на возилото.
„Целиот период полициските службеници беа крајно непрофесионални. Побарав тие да се идентификуваат, на моето барање неколкупати, го одобрија тоа. Ги дадоа своите значки, а третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање, кога заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа утврдени неточни податоци“, се пожали Димитриевски.
Тој објасни и дека се невистинити податоците објавени во некои од медиумите дека возилото било нерегистрирано и нагласи дека за време на кампањата, иако ретко, користеле возило со уредна техничка документација. Димитриевски смета и дека сопирањето утрово е само дел од континуираните обиди да ги заплашат него и неговиот тим.
„Сакам да испратам една јасна порака до господинот Оливер 1 и господинот Оливер 2. 31 октомври е многу блиску. Граѓаните ќе видат со каква нереална власт, која од страна на поединци се трансформира, за жал, во режимска власт, се соочуваме. Кај нас во Куманово притисоци не поминуваат. Дополнително, слушнав дека е поведена активност во рамките на Министерството за внатрешни работи, сега е тоа на истрага од внатрешна контрола. Сакам притоа, за да не се водиме по системот кадија те суди, кадија те тужи, да го потсетам министерот Спасовски дека во штабот ’За наше Куманово’ имаме пријавено неколку кривични дела што се работат во согласност со законот, поврзани дејства со изборниот процес“, рече Димитриевски.
МВР, по сопирањето на Димитриевски, соопшти дека одделот за внатрешна контрола ќе го испита случајот и нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, но не кажаа која била причината поради која градоначалникот бил сопрен, а потоа и пратен на дополнителен технички преглед.
Неофицијално, тој бил сопрен оти возилото има затемнети стакла, кои се забранети, а го спровеле до најблиската станица за технички преглед на возила оти тоа била редовна процедура во такви случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Центар со стратешки план ќе ги дефинира приоритетите за енергетска транзиција
Потребна е стратегија и патоказ за да имаме одржлив процес за енергетска транзиција во Општина Центар, ова е заклучокот од денешната работилница што се одржа во Енергетската канцеларија во локалната самоуправа. На работилницата на која учествуваа експерти, претставници на невладини организации, преставници на Општината и општинското претпријатие Енергија центар, соговорниците дискутираа за актуелните проекти во доменот на енергетиката, зелената агенда, животна средина и др.
Градоначалникот Герасимовски презентираше до каде е Општината во процесот на енергетска трансформација и транзиција. Тој потенцираше дека фотоволтаичната централа поставена на градинката Пепелашка минатото лето дава одлични резултати во намалување на трошоците за електрична енергија, а следно е поставување на централа врз покривот на ООУ ,,Киро Глигоров”. Наша цел е да поставиме фотоволтаични системи на сите основни училишта, но засега почнуваме прво со ООУ „Киро Глигоров“. Мораме да бидеме претпазливи и внимаваме на секој детаљ. Засега сме во процес на јавен тендер и фирмите учесници треба да ги исполнат критериумите.
Вангел Андрески, директор на Енергија Центар ја потенцираше улогата на првото вакво претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.
„Со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ успеавме да формираме вакво претпријатие, а процесот беше макотрпен и понекогаш фрустрирачки, со многу докуменатција, барања за куп дозволи по разни институции. Сега кога веќе започнавме со работа се соочивме со нов проблем, а тоа е потреба од едукација и подигање на свеста на граѓаните за придобивките на фотоволтаиците и нивната безбедност за корисниците, истакна Андрески, зборувајки за проектот кој се планира за ООУ ,,Киро Глигоров”.
Експерите се согласија дека иднината е токму во енергетската транзиција и трансформација која треба да почне од локално за да се прошири на национално ниво. Заштедите, но и бенефитите за животната средина се од непроценлива важност за воведување на вакви „зелени“ енергетски системи, но за разлика од другите држави во ЕУ и регионот, ние сме се уште во пионерска фаза.
Сите заштедени средства, велат експерите, по теркот на европските држави, понатаму треба да се влеваат во проектите од доменот на животната средина, преку субвенции за здрав и еколошки начин на живот на граѓаните.
Денешната работилница ,,Патоказ за енергетска транзиција – дефинирање на стратешки пристап кон одржлива иднина на Општина Центар” се организираше под покровителство и соработка со Фондација Фридрих Еберт, невладината Гринер и Општина Центар.
Македонија
Бојмацалиев во ЕВР Карпош: МВР е подготвено да обезбеди мирен, фер и демократски изборен процес
Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев оствари работна посета на Единицата за внатрешни работи Карпош , каде што оствари средби со раководството на оваа организациона единица во склоп на СВР Скопје, а во рамки на серијата посети низ Секторите за внатрешни работи низ државата, со цел увид во резултати и планирање на идните активности.
Фокусот на средбата беа претстојните двојни избори што ќе се одржат периодов за што дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев пред раководството на ЕВР Карпош констатираше дека МВР во рамки на своите надлежности од досегашните средби и разговори со раководствата низ Секторите е подготвено да обезбеди мирен, фер и демократски изборен процес како што беа претходните.
Притоа, тој ги сподели резултати за првото тримесечје од 2024 година.
„Бев информиран за резултатите во областа на криминалитетот каде во првото тримесечје од 2024 година безбедносната состојба на подрачјето може да се оцени како поволна со намалување на кривичните дела по службена должност од 40% . Од областа на криминалитетот на подрачјето на ЕВР Карпош според статистиката за горенаведениот период бележиме намалување за 30% во делот на кривичните дела од имотни деликти како што се тешките кражби, кражби и џепни кражби”, истакна Бојмацалиев, додавајќи дека раководството го информираше дека ова се најдобрите резултати во последните 10 години постигнати во 2023 година.
Во однос на условите за работа во оваа единица, Бојмацалиев истакна дека станицата беше реконструирана во 2022 година во насока на создавање подобри услови за работа на полициските службеници, со вложени 21 милион денари обезбедени од Буџетот на МВР.
,,Динамично тргнавме во процесот на надминување на претходните, негативни состојби на овој план со јасно одредена цел – да воспоставиме модерни инфраструктурни стандарди на функционирање како на полициските службеници така и на нивните средства за работа, на објектите, и на нивната опременост„ рече Бојмацалиев при посетата на ЕВР Карпош.
Македонија
„Вреди“: ДУИ во руско сценарио бара лек за изборниот пораз
Навреме предупредивме дека очајниот ДУИ смислил сценарио за предизвикување политичка криза после првиот круг на претседателските избори со цел да избегне чесно признавање на извесниот пораз. Нивен сон е техничката Влада на Талат Џафери да опстои повеќе од предвидените 100 дена, велат од коалицијата „Вреди“.
„Бујар Османи избегнува одговор на многу логичното прашање што правел како претседавач со ОБСЕ во текот на 2023 за оваа меѓународна институција да оцени дека постои потенцијал за нарушувањето на безбедноста во изборниот процес и го зголеми бројот на набљудувачи. Исто така молчи дали Османи како домаќин на Лавров го прашал за рецептот за суспендирање на демократската волја на граѓаните.
Но, контурите на ова руско сценарио полека излегуваат на виделина. Владата на Талат Џафери незаконски спречува поставување на началник и дополнителен началник на СВР Тетово за да може да ги злоупотребува партиските војници на ДУИ инсталирани во полицијата во кампањата. Потврда за ова е последниот скандал со училиштето во Житоша кое не само што е претворено во штаб на ДУИ, туку во него полицајци отворено агитираат за Али Ахмети, се фотографираат и објавуваат на социјалните мрежи“, реагираат од коалицијата.
Очекуваат како што велат, дека раководството на МВР соодветно ќе ги евидентира и санкционира овие девијации од страна на полициски службеници.
„Јасно им порачуваме на полициските службеници и останати кадри на ДУИ во државните институции, добро да размислат какви партиски задачи прифаќаат и спроведуваат. Ништо не може да ја смени реалноста. ДУИ после осми мај преминува во опозиција и за секој нивен кадар кој се огрешил пред законите ќе следи соодветна правосудна постапка. Добро е секој партиски активист на ДУИ да размислува трезвено и да не се впушта во незаконски авантури лажно верувајќи дека ќе продолжат кариерите на Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби.
Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме“, додаваат во партиското соопштение.
Нагласуваат дека ништо не може да ги спречи промените. Гласачите, како што оценуваат, уште повеќе се мотивираат да гласаат против ДУИ кога ги гледаат овие нивни очајнички потези.
„Бранот е тргнат и тој секојдневно ќе расте додека не се претвори во цунами за ДУИ на изборите“, се потенцира во напишаното од коалицијата „Вреди“.