Македонија
Димитров: Довербата во европското ветување кон регионот ќе се врати само со конкретни чекори
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на Белград економскиот форум имаше воведно обраќање на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“.
Главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува в среда во Словенија.
Вицепремиерот посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.
„Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот, навистина нема да биде доволна за да ги вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со коишто се реафирмираше европската перспектива“, посочи Димитров.
Тој нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес.
„Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет“, истакна вицепремиерот.
На панелот учествуваа и претставници на ЕУ и земјите членки – амбасадорот на ЕУ во Србија, Емануел Жофре, амбасадорот на Словенија, Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент, Владимир Билчик, како и на граѓанското општество – претседателката на Европското движење во Србија, Јелена Миниќ, додека, пак, модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.