Македонија
Димитров: Европа да си го одржи зборот, крајно време е да ги почнеме заслужените преговори
По повод 9 Мај, Денот на Европа, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир денеска ја посетија канцеларијата на Еко Пошта корисник на проектот ЕУзаОтпорност.
„ На Денот на Европа, повторно зборуваме за иднината на Европа – за мирот, заедништвото, стабилноста и просперитетот на нашиот континент, и треба да се вратиме кон основите, кон она што нѐ обединува и заради кои сакаме заедно да ја градиме нашата заедничка европска иднина – сѐ уште нереализиран сон на многу генерации македонски граѓани… Она што нѐ обединува се вредностите и стремежот за подобар живот за македонските граѓани кои тоа го заслужуваат, преку итно откочување на евроинтегративниот пат. ЕУ нема да биде целосна додека не ги интегрира и земјите од Западниот Балкан и на тој начин го комплетира проектот на обединети европски држави – рече вицепремиерот Димитров.
Тој подвлече дека Северна Македонија не само што сака да биде дел од Унијата, туку и често пати сме покажале дека знаеме да се однесуваме така, конкретно преку нашето дејствување како стабилен партнер на меѓународната сцена и според зборовите токму на ЕУ, светол пример во регионот за решавање на тешки прашања.
„ Тоа е патот по кој ќе чекориме одлучно и непоколебливо, нема да се откажеме без оглед на предизвиците, затоа што македонските граѓани заслужуваат да бидат и формално дел од ова семејство. Не можам, а да не завршам со мојата основна порака: нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници. Да ни е честит Денот на Европа – 9 Мај.”
Иницијативата ЕУзаОтпорност обезбедува 40 милиони евра – во форма на бескаматни кредити и заеми наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, како и на жени и мажи кои се соочуваат со ризик од невработеност. Проектот се спроведува со помош на Банката за развој на Северна Македонија и на Агенцијата за вработување. Тој е дел од вкупната поддршка за земјата поврзана со ковид-19, која достигнува околу 230 милиони евра и се состои од поддршка за здравствениот сектор, за ублажување на социо-економските последици од пандемијата и за набавка на висококвалитетни вакцини
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се основа Медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот Закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски” – Битола а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и Висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на Факултетот ќе бидат Клиничката болница Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид , Специјалната болница за нефрологија Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти кои ке станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на Медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места, да студираат во своето место. Значително ќе допринесе во создавањето на нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување на високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.