Македонија
Димитров – Ескобар: Земјата заслужи напредок поради покажаното лидерство и реформскиот процес
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата е разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и за актуелните состојби во тој контекст.
Димитров упатил благодарност за континуираната американска поддршка на европските интеграции и партнерството и сојузништвото во справувањето со глобалните предизвици како израз на заедничките вредности.
„Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање нов момент за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед“, посочил вицепремиерот.
Ескобар ја истакнал посветеноста на Северна Македонија како НАТО-сојузник во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
Тој нагласил дека покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со ДПМНЕ е можно само враќање назад, велат од СДСМ
Платформата на ДПМНЕ се само нови лажни ветувања, по примерот на Скопје, велат од СДСМ.
„ДПМНЕ ги изневери граѓаните на Скопје, ништо од ветеното не реализираше, а сега излегува со нови лажни ветувања. Наместо модерен град, Скопје денеска е запустен град, полн со нечистотија, со хаос во јавниот превоз, јавни претпријатија во долгови. Ги нема новите 250 автобуси, нема бесплатен јавен превоз, нема нови паркови“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив промовираната Платформа 1198 на ДПМНЕ е токму тоа, нови лажни ветувања.
„Се потврди дека ДПМНЕ нема план за иднината и дека оваа партија не може да донесе никаква промена. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, завршуваат од СДСМ.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.