Македонија
Димитров за евроинтеграциите: Заеднички успех или заеднички пораз – тест за сите вклучени страни
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ), денес учествуваше на седницата за претставување на приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ, што почна на 1 јануари годинава.
Димитров се заблагодари за активниот придонес на Франција во процесот на проширување и конкретно пристапниот процес на Северна Македонија и истакна дека стратешки императив за следните месеци треба да биде постигнувањето успех во македонското европско досие:
„На Европа ѝ треба лидерство и затоа мислам дека и ние како Европејци имаме среќа што имаме еден таков лидер и во Париз. Македонскиот случај е најубедливиот, најдрастичен тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон регионот на Западен Балкан. Затоа, ако успееме, успехот ќе биде и на ЕУ, ќе биде добар за регионот, за Северна Македонија, за Бугарија. Неуспехот е исто така пораз и голем проблем за сите, вклучувајќи нѐ и нас, нашите комшии, сите држави во регионот и самата ЕУ. Затоа, влогот во овој процес е огромен и се надевам дека најавениот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан кон крајот на француското претседателство во јуни ќе направи контекст каде што ќе биде прескапо повторно да се соочиме со пораз, сите вклучени во овој процес“, нагласи вицепремиерот.
Агендата на француското претседателство беше претставена од страна на амбасадорот Сирил Бомгартнер посочувајќи дека Франција во јуни ќе организира голема конференција за Западен Балкан и ја реафирмира посветеноста за заслужен напредок на Северна Македонија кон ЕУ.
„Јасно е дека со француското претседателство постојано ќе се поддржува земјата за да може работите да напредуваат конструктивно и во добра насока, со цел колку што е можно побргу и во текот на француското претседателство да се постигне значителен напредок, кој сите го очекуваат“, истакна тој.
Бомгарнер ја искористи можноста за да упати официјална и лична благодарност за улогата на вицепремиерот Димитров во евроинтегративниот процес и во унапредувањето на односите помеѓу двете земји, што придонеле за обезбедување силна француска поддршка за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.