Македонија
Димитров за францускиот предлог: Новото пакување е истиот непоправлив дебакл
Ексминистерот за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, за францускиот предлог вели дека новото пакување е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој можеби ќе ги отвориме преговорите со ЕУ ако го смениме Уставот, ама никогаш нема да ги завршиме.
„Дури ни во пакувањето на ‘измените’ не се потрудиле многу. Прво, ако во претходното пакување преговорите требаше да се отворат по измените на Уставот, сега отворањето ќе почне веднаш, штом се потпише протоколот, ама условено оти пишува дека преговорите ќе се доотворат по внесувањето на Бугарите во Уставот. Значи, нашиот почеток е на две рати. Две рати само за да почнеме. А вистински почеток секако нема додека не се направат уставните измени бидејќи преговарачката рамка ќе се презентира дури тогаш. Втората ‘измена’, пак, е целосна измама. Ако во претходното пакување историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн. ќе се внесуваа во пристапниот процес преку ‘билатералните протоколи’ по член 12 од договорот за пријателство, сега историјата, говорот на омраза по бугарски терк, спомениците итн. ќе се внесуваат преку ‘годишните прегледи и ефективните мерки за имплементација по член 12 од договорот’. Се работи за апсолутно истите документи, само називот е сменет – сега не се протоколи, туку прегледи и мерки, но црно на бело стои член 12, со што нема дилема на што се однесува. Тоа е членот каде што се вели дека македонско-бугарската меѓувладина комисија еднаш годишно ќе се состанува, ќе врши преглед на направеното и на примена на меркте донесувајќи документ што досега го викавме протокол“ – посочува Димитров.
Според него, станува збор за, како што вели, срамен обид и од дома, ама и од ЕУ, да им се замачкаат очите на македонските граѓани нарекувајќи ги со друг назив истите обврски што мораме да ги преземеме и што сега стануваат обврски спрема ЕУ и за што ќе известува Европската комисија.
„Ама замислете, дури и ова не било доволно, па вториот протокол, овој што треба да го потпишат денес, утре или задутре Османи и Генчовска, што го содржи договорот по точките 4+1, тој си останува и со истиот назив – протокол. Овде не сме успеале ни називот да го смениме. И прегледот и мерките наведени во овој протокол, заедно со историските прашања, ќе бидат апсолутно дел од пристапниот процес. Значи, да нема никаква дилема, бугарските барања за историјата и за многу други теми целосно си остануваат во рамката и стануваат европски барања, како што си беа и во претходното пакување. Нашиот пат кон ЕУ ќе зависи од тоа дали Бугарија е задоволна од нашето исполнување на нивните желби. И токму затоа одговорно тврдам дека овој пат е слепа улица, што никогаш нема да нè донесе до посакуваното членство. Тоа е пат кон вечна агонија и измачување. Преседан што ќе го осетат на своја кожа и други земји кандидати по нас. Во врска со македонскиот јазик, и во ова пакување како и во претходното ЕУ ќе констатира дека Бугарија ќе си достави (или сега си доставила) своја позиција за нашиот јазик. Софија преамбулата ќе ја чита со Бугарите и сите други, но ќе го прескокнува делот со македонскиот народ. Ценети сограѓани, драги пријатели! Ценам дека деновиве живееме едни од најцрните денови во македонската историја по независноста“, додава Димитров.
И додека Софија си ги бетонира бугарските услови преку Собранието, додава ексминистерот. „Ние се препелкавме во калта со владини лаги цртајќи си се себеси како голема цел за европски притисок да попуштиме и да го прифатиме тоа што за сите земји членки, освен за Бугарија, беше неприфатливо – целосна билатерализација на пристапниот процес измешан со агресија врз македонскиот идентитет и наметнување на бугарскиот наратив за историјата. Владиниот тим не добил никакви подобрувања на предлогот, туку малку помош во обидот да си ги измами сопствениот народ и граѓанството. И од вчера тоа сесрдно го прави. Лага е дека историските прашања не се во рамката. Новото пакување, внимавајте, е изготвено на 23 јуни, ден пред усвојувањето на предлогот во бугарското собрание. Дали „нашите“ го добиле навистина вчера како што рекоа или, пак, си го чувале за јуриш во пет до дванаесет е прашање што може овој историски срам само да го зголеми. Впрочем, Генчовска беше единствената што вчера ја кажа вистината – нема нов предлог. Таа не можеше да издржи ни три часа со тезата дека „нема историја во рамката“. Како тоа и би било можно кога во Бугарија нема услови за нова одлука на Собранието. Вистината денес ја кажа и француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин: „Вчерашниот предлог на Франција до Бугарија и Република Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент“. На Владата ѝ се брза за да не му текне на народот“, додава Димитров.
Тој посочува и: „На Владата што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ гледам како на туѓа влада. „Затоа. апелот на премиерот да им се верува на ‘официјалните информации од институциите’, всушност, порачува да им веруваме на лагите. Ние нема да кренеме раце од стратешкиот интерес за членство во ЕУ. Но, патот што води кон членство не е оваа слепа улица што ни се нуди. Заслужуваме европски пат поплочен со реформи. Почитувани сограѓани, на Владата, што за вакво историски важно прашање го лаже сопствениот народ, гледам како на туѓа влада. Не знам дали сум повеќе згрозен од предлогот што нè носи во бескрајно измачување во рацете на Бугарија или од овој обид за измама од епски размери. Сме имале ние многу грешки во минатото. Ама ваков кукавичлук и бегање од соочување и искрен приод кон граѓанството за вака суштинско прашање не паметам. Оваа Влада мора да сноси политичка одговорност за овој срам. Оваа Влада, почитувани сограѓани, ако веднаш категорично и конечно не го одбие предлогот што веќе двапати го одби и не се извини длабоко за лагата, треба веднаш да падне! П.С. Фотографиите подолу се од оригиналниот предлог. Владата објави пречистен текст без датумот. Меѓу другото, можеби за толку очигледната „измена“ да биде помалку очигледна. Датумот, пак, ќе бара дополнително објаснување. Дури и да е заборавен и останат од некоја друга верзија, тоа речиси ништо не менува“, заклучува Никола Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Пендаровски е се понервозен од малиот рејтинг и премалата посетеност на неговите митинзи
Македонија е на нозе. Промените доаѓаат не е само обична парола. Туку е вистина, начин на работа и начин на кои ние ја гледаме Македонија. Пред нас претстои период кога одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата Македонија. Ова го чекавме 7 години, и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, 24 април и 8 мај со заокружување на бројот 2 ставаме крај на катрострофалните политики на владата на ДУИ и слугите од СДС, изјави Драган Ковачки носител на ИЕ3 на митингот во Свети Николе.
Ковачки посочи дека Македонија е обесправена и понижена, задолжена и банкротирана земја. И за тоа се виновни слугата на стопанот Али Ахмети, Димитар Ковачевски. Криминалот и корупцијата цветаат, а економијата целосно крахира. Институциите повеќе не се во служба на граѓаните, туку во служба на овие неколкумина од владата на ДУИ и СДС кои очајнички се обидуваат да се спасат.
„Знаат дека губат. Знаат дека ги чека пораз и почнуваат да стануваат нервозни. Стравот од пораз е поголем од нивниот рејтинг изминатите 7 години. Знаат дека повеќе немаат поддршка од граѓани и глумат загриженост. Глумат и се обидуваат да ве излажат. Исто како што излажаа пред 7 години дека ќе донесат живот, а донесоа само беда и сиромаштија“, истакна Ковачки и додаде:
Ќе дојдат и ќе ви кажат дека имале погрешни политики, дека овие избори ако им ја дадете довербата ќе се поправат. Но, ќе излажат. Затоа што не ја бараат вашата поддршка за навистина да се променат, туку бараат поддршка за да продолжат да крадат. Исто како и изминатите 7 години. Се прикажуваат како некаков европски фронт кој ќе ја движел Македонија кон ЕУ, а всушност со нив Македонија е се подалеку од Европската унија. Секогаш кога ќе се обелодени некаков криминал или скандал, устите им се полни како СДС ДУИ се проевропски ориентирани. Не, господо од СДС И ДУИ. Немате ниту Е од вашата замислена Европа. Затоа што Европа не сака политичари кои се корумпирани и на кои пола влада им е на црната листа на САД. Европа не сака криминал и корупција. Во Европа има само принципи и вредности, во кои секој кој се огрешил одговара.
„Ќе кажам неколку збора и за актуелниот претседател Стево Пендаровски кои е послушник и нем посматрач на сите погрешни политики на СДС и ДУИ. Пендаровски сака да ги купи симпатиите кај граѓаните, човекот кој 5 години освен што дава изјави, а потоа сам себе си се демантира, деновиве станува се понервозен. Што од премалата посетеност на неговите митинзи, кои повеќе наликуваат на партиски журки така и од се понискиот личен рејтинг“, вели Ковачки.
Тој истакна дека Македонија изминатите 5 години имаше претседател, каков што ниту државата, ниту граѓаните заслужуваат да имаат. Човек со образ ѓон, бесрамник кој ниту еднаш не се спротивстави на криминалот на ДУИ и СДС, само затоа што сака да им се додвори.
„Затоа овие избори се шансата за промена. Шансата за да се избере претседател на Македонија која ќе ја врати државата назад кај граѓаните. Тој избор е професорката Гордана Силјановска Давкова, која преку вистински вредности и принципи ќе покаже дека Македонија може повторно да биде горда“, посочи Ковачки и додаде:
Изборот е повеќе од јасен. Или Македонија твоја, земја горда, или Македонија каква што ја прават Пендаровски, Ковачевски и Ахмети, уназадена, опљачкана и понижена. Да го кренеме гласот и да ги донесеме промените. Затоа што силата на една држава е народот, а не корумпираната елита од ДУИ и СДС. Да излеземе масовно и да гласаме за број 2, да побараме поддршка од секој познаник и да се сплотиме. Затоа што Македонија заслужува промени. Силата е во вас, да ги донесеме промените заедно.
Македонија
Не е доцна Арсовска да почне да ја работи својата работа, Универзална се реконструира по законска процедура, вели Костадиновска-Стојчевска
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вели дека не е доцна за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да почне да ја работи својата работа за која скопјани ѝ ја дадоја поддршката и да ја прекине својата игра за пласирање лажни информации за реконструкцијата на Универзална сала и заплашување на граѓаните со манипулативни тврдења.
„На градоначалничката која имаше можност две години да започне со реконструкција на Универзална сала и порачувам да почека да заврши истрагата и да води кампања на друга тема, а во меѓувреме наводните упади во Системот на Бирото за јавни набавки да ги пријави пред надлежните органи. Нека ги заштити сопствените профили бидејќи Арсовска е првата која обвинува за упад од кога е воведен Системот за јавни набавки“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Костадиносвка-Стојчевска, објасни дека процесот на преземањето надлежности за Универзална сала од Град Скопје, Министерството за култура го направи со потпис и од градоначалничката Арсовска и од самата министерка.
„Реконструкцијата се одвива според законска процедура и според проектот кој Арсовска ни го предаде во документацијата, цитиран во Договорот потпишан од неа“, додава министерката која порачува дека нема да дозволи неуспшните политики и разочарувањето кај граѓаните од неработењето на Арсовска да бидат покривани со манипулации и лаги за Универзална сала.
Македонија
Јакимовски: Како претседател ќе се залагам за силен развој на туризмот во Македонија
Кандидатот за претседател на Република Македонија, Стевчо Јакимовски, денеска оствари средба со граѓани на Охрид.
На средбата Јакимовски ги претстави седумнаесетте точки од предизборната програма за претстојните претседателски избори.
Дополнително Јакимовски нагласи дека охридско-струшкиот регион, кој е познат по туризмот, мора да добие сеопфатна поддршка од институциите и од Претседателот на државата за развој на туризмот, особено на високиот туризам и искористување на сите потенцијали кои ги имаат и овој регион, но и целата држава.
Како што истакна Јакимовски, треба да го направиме автопатот од Свети Стефан до Свети Наум, треба да видиме како можеме да се поврземе со Ресен, треба да направиме тунел под Галичина, треба да направиме мастер-план за Галичица, значи летото да го поврземе со зимата. Тоа сe мастер-плановите коишто треба да ги предлага и да ги иницира еден претседател на држава.