Македонија
Димитров-Лирман: Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров беше прв странски гостин на новата државна министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Вицепремиерот Димитров детално ги претстави достигнувањата и предизвиците на Северна Македонија на патот кон Европската Унија, како приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот.
„Северна Македонија и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба. Германија е земја во којашто гледаме еден столб на Европа како сила што влече кон добро и исклучително важен партнер, и политички и економски. Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан“, изјави Димитров.
Државната министерка Лирман посочи дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори, поради што нејзиното дејствување ќе биде решително насочено кон остварување на оваа заедничка стратешка цел.
Средбата беше остварена на вториот ден од стапувањето на министерската функција во новата германска влада предводена од канцеларот Олаф Шолц, во знак на континутет на германските позиции во нивното делување за Европа базирана на вредности и принципи и фокусот на македонското европско досие како клучен приоритет.
Со оваа активност беше заокружена плодната работна посета на Берлин во деновите на клучни случувања за иднината на Германија и Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.