Македонија
Димитров: Мојата земја денес е успешна приказна, која треба да биде охрабрена и поддржана
Работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја продолжи со учество на настан коорганизиран од страна на парламентарните групи на зелените и на германската секција на Унијата на европските федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, социјалдемократите, зелените и либералите.
Зборувајќи како главен говорник на темата „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, Димитров пред присутните пратеници, претставници на владата, дипломатскиот кор, медиумите, НВО-секторот и другите гости се осврнал на искуствата од решавањето на спорот со Грција и предизвиците за натамошната имплементација на преспанскиот договор притоа потенцирајќи ги значењето и придобивките од договорот за земјата и регионот.
„Во таа смисла министерот Димитров потенцира дека договорот претставува добра вест за целиот регион и ЕУ и е пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија, дури и на најделикатните отворени прашања. Препознавање и зацврстување на придобивките од договорот, заедно со резултатите во делот на домашните реформи, ќе претставува валоризација на системот на заслуги и условеност и јасен сигнал за европската иднина на целиот регион“, соопшти МНР.
Во тој контекст Димитров истакна: „И покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните европски избори, сите прашања поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето успешни приказни. Мојата земја денес, Северна Македонија, е успешна приказна, која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето ниту преспанскиот договор, не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме заедно со лидерството во Атина“.
Навраќајќи се на потребата од одржување дофатлива европска перспектива и активен европски ангажман во регионот, Димитров потенцира: „Јас искрено верувам дека ангажираниот однос со нашиот регион, признавањето на напредокот и неговото наградување е не само правилниот пристап туку и помалку скапиот пристап. Неангажираноста би била далеку поскапа. Ова го видовме и преку мигрантската криза во 2015/2016 и важноста на Западен Балкан за безбедноста на самата Европска Унија. Мислам дека иднината на регионот е европска, нема алтернативна стратегија. Иако поголемиот дел од работата е наша дома, сите мораме искрено и отворено да размислиме што ќе правиме со овој регион. Доколку сакаме државите во регионот да ги направиме европски, каде што владее правото, постојат функционални спреги и кочници и подобри економии, тогаш единствениот пат е пристапниот процес“.
Работниот ден во Берлин опфатил и средби на Димитров и со пратеникот од СПД и член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, главниот советник на канцеларката Меркел за европски прашања, Уве Корсепиус и со специјалниот пратеник за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-земјите во германското МНР, д-р Кристијан Хелбах. Во разговорите со германските соговорници Димитров го презентирал напредокот на Република Северна Македонија реафирмирајќи ги аргументите и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годинава и потенцирајќи ја важноста на германската поддршка во тој процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес
Коносителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.