Македонија
Димитров на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ
Министерот за надворешни работи Никола Димитров кој престојува во тридневна работна посета на Брисел, денес во организација на министрите за надворешни работи на Бугарија и Австрија, учествуваше на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија.
Дискусиите на работниот појадок, кој се одржа во рамките на бугарското претседателсво со Советот на ЕУ, претстојното австриско претседавање и во пресрет на Советот за надворешни работи на ЕУ, беа фокусирани на политичките состојби околу евроинтегративните процеси на Република Македонија, имплементацијата на реформската агенда на Владата, како и добрососедските односи.
Димитров ги запозна министрите на земјите членки со постигнувањата на Република Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи, како и со плановите на Владата и очекувањата во периодот кој доаѓа. Тој исто така ја истакна потребата од поддршка на земјите членки за усвојување на одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, која ќе има значителен придонес во затворањето на сите отворени прашања и успешното спроведување на домашните реформи.
Во таа насока Министерот Димитров истакна: „Имаме шанса во регионот да се натпреваруваме за прашања кои се важни сега, но и во иднина. Имаме историска можност за суштински напредок, но и Европа ќе има вистински бенефит ако ја искористиме оваа можност за добри вести на континентот.”
Во текот на вториот ден од работната посета на Брисел, во Советот на ЕУ, министерот Димитров имаше и билатерални средби со неговите колеги од Данска, Андрес Самуелсен; Романија, Теодор Малешану; Тимо Соини од Финска како и со државниот секретар за европски прашања во португалското МНР, Ана Паула Закариас, британскиот министер за Европа, Алан Данкан, неговиот германски колега Михаел Рот и заменик шефот на кабинет на претседателот на Европската комисија и висок дипломатски советник, Ричард Шостак.
Тој вчера се сретна со високата претставничка Федерика Могерини и со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас. Работната посета на Брисел продолжува и утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор, бидејќи се прекршил Законот за техничка влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морале да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничка влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот Управен суд донесе две пресуди во моја корист со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер не произведуваат правно дејство. Истото се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и започнатите постапки врз основа на тие согласности“.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.