Македонија
Димитров на средбата со ЕУ-амбасадорите: Усвојувањето на преговарачката рамка ќе ги заокружи историските успеси на Македонија во 2020 година
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, имаше видеоконференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија. На иницијатива на амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, средбата се одржа по повод неодамнешниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија и пакетот за проширување.
„2020 е година на предизвици, како на глобален, така и на домашен план, но истовремено и година која ја одбележаа многу важни пресвртници кога станува збор за стратешките приоритети на Северна Македонија. Зеленото светло за отворање на пристапните преговори од март годинава, заедно со членството во НАТО-алијансата се историски успеси на Владата и на граѓаните. Се надеваме дека заедничкиот успех ќе биде комплетиран со усвојување на Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годината“- истакна Димитров.
Осврнувајќи се на наодите од извештајот, Димитров посочи дека истиот претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, идентификувајќи ги областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности, со посебен акцент на приоритетните области поврзани со првиот Кластер – Темели.
„Како Европската Унија ќе се постави кон ова прашање – правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи“, рече вицепремиерот Димитров, во однос на предизвиците со коишто Северна Македонија се соочува во светло на одржувањето на Првата меѓувладина конференција.
Тој информираше и за мерките што Владата ги презема за подобрување на ИПА- структурата, односно за капацитетите на апсорпција на ЕУ-фондовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните
Македонија
(Видео) Сајкоски од Битола: Платформата 1198 се обврзува на 150 милиони евра за поддршка на домашното стопанство
„Битола е на највисоко ниво на агендата што ќе ја предводи владата на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период. Битола ќе добие економски развој, Битола ќе добие нова инфраструктурна мрежа. За Битола се предвидени голем број на инвестиции“, кажа Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
„Денеска бевме во посета на стопанствениците во Битола од кои што слушнавме и со кои што разговаравме за проблемите со кои што се соочуваат.
Ние како луѓе кои што ќе работиме во идната влада која што ќе ја предводи Македонија сакаме да им изразиме гаранција дека ќе приоѓаме кон секој нивни проблем, ќе работиме за решавање на секој нивен проблем.
Исто така заедно со градоначалникот укажавме на компаниите и на стопанствениците дека и локалната самоуправа стои на располагање на битолското стопанство.
Укажуваме дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира 150 милиони евра во стопанството. Ова е начин да се помогне стопанството, да се помогне да не се иселуваат луѓето, да го подобриме квалитетот на живот, и да имаме подобар живот и во Битола и во цел наш регион“, соопшти Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Македонија
Тренчевска: Најемотивна сум кога зборувам со пензионерите, креаторите на државата денес
Коносителката на листата за пратеници на Изборна единица 4 од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јованка Тренчевска денес им се обрати на пензионерите во Општина Струмица и ја објасни изборната програма на која според неа столб е грижата за пензионерите.
„Да се потсетиме на се она што го имаме направено за вас пензионерите и да ве информираме за се она кое се обврзуваме како партија во наредниот период. Како помлади генерации сме обврзани да ви обезбедиме спокојни пензионерски денови, затоа во изминатиот период ја донесовме методологијата со која гарантираме постојан раст на пензиите. Пред нашиот мандат најниската пензија која изнесуваше околу 8000 денари, денес е покачена на скоро 14.000 денари“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека покрај континуираното покачување на пензиите продолжува да се исплаќа и финансиската поддршка која е директно на терет на буџетот на Министерството за труд и социјална политика и дека истата не ја загрозува исплата на пензиите.
„Најголем дел од вас се сеќаваат дека ги добивавте пензиите во 6 групи на пензионери, затоа што системот на пензиско и инвалидско осигурување на бил стабилен. Денес сите вие секој први во месецот пензиите ги имате на вашите сметки, системот е стабилен и гарантира долгорочна сигурност“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека никогаш повеќе нема да дозволи фондот да биде нестабилен, затоа што сите предвидени мерки и политики кои се предвидуваат не се на терет на фондот, туку ќе бидат на централниот буџет.
„Се обврзуваме на минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Воведуваме новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6000 денари како, картичка за пензионерите со попуст од 30% на прехранбени производи како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица“ рече Тренчевска.