Македонија
Димитров: Се наоѓаме во клучна фаза од нашето европско патување
На првиот ден од тематскиот амбасадорскиот совет „Европската перспектива на Република Северна Македонија“, кој во организација на Министерството за надворешни работи се случува денес и утре, беа одржани работни сесии на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на државата, Стево Пендаровски, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, со амбасадорите на Република Северна Македонија акредитирани во земјите членки на ЕУ, на кои се дискутираа сите аспекти релевантни за остварување на целта – одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври, како и активностите што ќе следуваат потоа.
При интензивната размена на мислења, во насока на финализација на конкретните следни чекори и кохерентна аргументација во пресрет на нашите европски аспирации поврзани со октомврискиот совет за општи работи на ЕУ, во своето обраќање Димитров истакна:
„Се наоѓаме во клучна фаза од нашето европско патување. Изгубивме доволно време заклучени во чекалницата, пред сè, поради едно политичко билатерално прашање, кое со голем напор успеавме да го решиме. Паралелно, трансформативните чекори што ги направивме на домашниот реформски план, и покрај сите грешки и предизвици со кои се соочуваме, неоспорно е дека се препознанени како од Европската комисија така и од разни реномирани меѓународни и странски институции. Со оглед на сите предизвици и кризи во светот, како и во самата ЕУ, процесот на европско проширување или да бидам попрецизен – европско комплетирање, во иднина ќе станува сè понеизвесен. Затоа, во претстојниот период мора да ги вложиме сите наши напори, ресурси и енергија, секој од својот аспект, и да го истрчаме последниот километар пред да се качиме на возот за продлабочено ервопско патување. Позитивниот исход во октомври ќе значи не само признание за нашите индивидуални заслуги туку и потврда на кредибилноста на европската перспектива за нашиот регион, како и силна порака за проевропските сили и вредности“.
Работните сесии продолжуваат и утре кога, покрај министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со амбасадорите, ќе разговараат и претседателот на Владата, Зоран Заев, и потпретседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и Бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.