Македонија
Димовски до Груби: Седнете со Џафери и гласајте сами за ДИК
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, му порача на претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, дека Владата ставила европско знаменце на предлог-законот за измени на Изборниот законик, што е спротивно на деловникот. Димовски рече дека треба да се затвори расправата бидејќи, како што истакна, оваа комисија не е матично тело за расправа, туку Комисијата за избори и именување. Ако Џафери постапува согласно со деловникот, според Димовски, ќе треба да го врати законот до Владата и тие од почеток да го поднесат.
„Ако ги запре граѓаните полиција ззшто возеле побрзо од дозволеното, не смее никој да ги казни ако покажат европско знаменце. Младите можат да си купат часовник, цигари, што било со знаме од ЕУ и да не бидат казнети за ништо. Ваков пример оставате на граѓаните. Груби, вие не можете да отворите амандманска расправа, туку општа бидејќи ова не е матично тело”, рече пратеникот Илија Димовски обраќајќи му се на Артан Груби.
Димовски тврди дека законот се носи без консултации со опозицијата. Тој даде предлог да се укине Собранието, а да доаѓаат на работа само Груби и Џафери. Вториот предлог е да се намали кворумот за донесување на Изборниот законик и да се гласа со 42 пратеници затоа што мнозинството тешко собирало кворум за гласање.
„Седнете вие со Џафери и гласајте сами за ДИК. Отидете кај Џафери, напишете ги предлозите, отидете во пленарна и гласајте го. Потпишете се вие двапати, Џафери двапати и објавете во ‘Службен весник’, медиуми, каде сакате”, рече Димовски.
Груби отвора претрес за бришење на првиот амандман, а ВМРО-ДПМНЕ се буни дека прво треба да ја отвори расправата пред да се разгледуваат амандманите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.