Македонија
Дисциплинска за адвокатот Даути зашто бараше да бидат преведени сите списи на албански во ТНТ
Адвокатската комора со допис го известила судот дека повела дисциплинска постапка пред дисциплински обвинител за адвокатот на обвинетата во ТНТ Елисавета Најдовска, Мерџан Даути, бидејќи со цел да ја одолговлечи постапката побарал да бидат преведени сите списи на албански јазик од 40-ина рочишта досега во предметот.
Судијата Огнен Ставрев го исчита известувањето од Комората, во кое пишува дека за еден адвокат да добие лиценца, треба активно да го знае македонскиот јазик, според Законот за адвокатура.
Судијата кажа дека адвокатот кој и’ го откажал полономоштвото на обвинетата Димитар Дангов, заедно со обвинетата Елисавета Најдовска и новиот адвокат Мерџан Даути намерно го злоупотребуваат правото за да се одолговлечи постапката.
„Се користеле српски и бугарски зборови во записниците. Јас само го користам моето право што ми го дава Законот за употреба на јазиците“, рече Даути по рочиштето.
„Обвинетата, Димитар Дангов и Мерџан Даути имаат намера со заедничко договарање да ја одолговлечат постапката“, рече судијата Огнен Ставрев.
Рочиштето беше одложено поради тоа што обвинетиот Миле Јанакиески бил повикан во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а не дојде и еден сведок.
Во случајот „ТНТ“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, Елисавета Најдовска и уште тројца други вработени во Општината.
Според обвинението, обвинетите со злоупотреба на службената положба и овластување, поради политичка одмазда му урнале дел од објектот „Космос” на бизнисменот Фијат Цаноски, кој најави дека ќе бара отштета во висина од 40 милиони евра.
Предметот е во завршна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Џафери – Бомгартнер: Франција е значаен партнер на Северна Македонија на пристапниот пат во ЕУ
Претседателот на Владата Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Француската Република во Скопје, Сирил Бомгартнер.
На средбата беа констатирани три децении одлични билатерални односи и пријателството меѓу нашите две земји, карактеризирани со високо развиен, конструктивен и партнерски политички дијалог. Воедно, беше изразен и интересот во следниот период да се стави поголем акцент на економската и трговската соработка.
Џафери го поздрави севкупниот и засилен француски ангажман во регионот на Западен Балкан, олицетворен преку низа иницијативи и конкретни чекори во изминатиот период насочени кон зајакната стратешка, политичка, економска и општествена соработка. Во таа насока, се заблагодари за поддршката на Франција во процесот на проширување на Европската Унија со целиот регион, и Северна Македонија посебно, и ја нагласи посветеноста на Владата која ја предводи, да ја продолжи започнатата динамика на патот кон ЕУ.
Бомгартнер ја поздрави досегашната одлична соработка со Џафери во чиј мандат како Претседател на Собранието беше направен голем исчекор во развојот на билатералната парламентарна соработка. Изрази подготвеност за натамошна сестрана соработка со Владата во насока на натамошно јакнење на односите меѓу двете земји, кои се засновани на долга историја на пријателство.
Бомгартнер ја нагласи силната посветеност на Франција кон европската перспектива на Северна Македонија и истакна дека Франција ќе продолжи активно да манифестира конструктивност и поддршка на тој пат, при што се осврна и на важноста на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија, изразувајќи надеж дека идната Влада и Собрание ќе продолжат активно да ја спроведуваат европската агенда.
Премиерот го честиташе 20 март – Денот на Франкофонијата и нагласи дека Северна Македонија останува активно посветена на Меѓународната Организација на Франкофонијата и ќе продолжи со активностите за афирмација на францускиот јазик во државата.
Македонија
Дали дуизацијата на судството ќе заврши на црната листа, прашуваат од коалицијата „Вреди“
Го поздравуваме проширувањето на американската црна листа со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Токму нејзината лична определба, наместо испорачување правда да се стави на страната на криминалците заради лични интереси, создаде предуслови да нема одговорност за политичка корупција. Оваа ознака, за жал, докажува дека политичката корупција во Северна Македонија длабоко ги внела своите корени во системот, во институциите, а особено во правосудниот систем, истакнуваат од Коалицијата „Вреди“.
„Кога зборуваме за правосудниот систем, силно веруваме дека нашите американски сојузници лоцирале дека политичката одговорност за тоа што Мијалков брише под со правосудниот систем, за неговото ослободување од најтешките обвиненија, како и заштитата на неговиот имот од конфискација, е направена преку актери и политички експоненти на таканаречената „прогресивна“ – односно ДУИ, кои ги заробија судијата, обвинителството како и надлежните државни институции кои беа инволвирани во случајот Мијалков“, потенцираат од оваа коалиција.
Сите граѓани на Северна Македонија, како што додаваат, очекуваат американската администрација да ја истражи конкретната улога на обвинителите, судиите, експертите, истражителите и државните институционални лидери, сите избрани или именувани со политичко влијание на ДУИ, во спречувањето обвиненија, судења, спречување на пресудите како и штитење од конфискации, во сите случаи на нивниот партнер насилник – Сашо Мијалков.
Според нив, промената доаѓа. За ослободувањето на Мијалков, оценуваат дека ќе има политичка одговорност.
„Правдата ќе се врати на почитуваното место во општеството како предуслов за враќање на довербата на граѓаните во државните институции. Уставниот амандман за спречување на застарувањето на кривичните дела сторени со политичка корупција е чекор во таа насока“, велат од Коалицијата „Вреди“.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.