Македонија
Договорени приоритети за надминување на алармантната состојба со Преспанското Езеро
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, одржа работна средба со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, заради алармантната состојба со Преспанското Езеро.
На средбата беа разгледани можностите за забрзување на активностите и на национално и на меѓународно ниво. Со оглед на спецификата на Преспанското Езеро, чии води ги делиме со Грција и Албанија, како и неговата уникатна природа и поврзаност со Охридското Езеро и реката Црн Дрим, заеднички е ставот дека е потребен комплексен пристап заснован на научни сознанија.
Договорено е итно да се стави во функција работната група за чие формирање изминатиот период од страна на МЖСПП се направени консултации со повеќе засегнати страни, пред сè, стручните лица во областа, како и претставниците на општините и невладините организации со докажани резултати во Преспанскиот Регион. Исто така, договорено е истражување и вклучување на земјоделскиот сектор, кој има потенцијално големо влијание во овој регион. Во таа насока веќе е иницирано вклучувањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за што е договорена и заедничка посета на Преспа наредната недела.
Клучен фактор за успешно справување со прашањето останува интензивирањето на активностите за завршување на процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа паркот за кој штотуку беа номинирани членовите од македонската и грчката страна, а номинацијата од Албанија е во тек. Министерот се заложи за поинтензивна комуникација со неговите колеги од двете држави заради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.