Македонија
Досега вакцинирани 4 328 деца, се подобрува состојбата на заболените од морбили
Министерството за здравство информира дека денеска (26 јануари 2019 година) до 13 часот вакцинирани се 24 деца или вкупно 4 328 деца со МРП вакцини.
Во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби примен е 19 годишен пациент, префрлен од Клиниката за детски болести, кој добил морбили и е во потешка здравствена состојба. Амбулантски прегледани се 4 деца суспективни за морбили, на возраст од 7 месеци до 2 години. Сите 4 деца пуштени се на домашно лекување. Постабилна е здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на 8 годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојбиима вкупно 18 пациенти со морбили (мали сипаници).
Во врска со ширење на епидемијата на морбили (мали сипаници) во град Скопје, им се укажува на сите Универзитетски Клиники во текот на денот да ги свикаат своите Комисии за интрахоспитални инфекции и да донесат одлука за ограничување на посета на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата.
Родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство.На трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови.
Министерството за здравство ја потсетува јавноста дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје. Децата од училишна возраст задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, да го направат тоа во најбрз можен рок. Напоменуваме сите превентивни мерки и препораки против ширењето на болеста да се сфатат сериозно и без отстапки.
,,Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни
Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90 дена. Откога во понеделникот Комерцијална банка извести дека склучиле договор за продажба на имотот на фабриката со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската „Јулдирим груп“ (Yildirim Group), нивни претставници вчера имале состанок со Синдикатот и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Ги известиле дека почнуваат со подготовки за рестартирање на фабриката, кое очекуваат да биде во јуни.
„Од вчера почна да тече рокот од 90 дена во кој новите сопственици на фабриката ќе ги враќаат назад вработените. Нè известија дека ќе ги преземат 120-те вработени кои останаа на работа за да ја одржуваат печката додека сопственик беше Комерцијална банка, а за другите ќе има огласи. Ова рестартирање на фабриката се разликува од последното што го направи ‘Еуроникел’, кој зеде обврска да ги преземе и сите вработени. Новите сопственици ја купија само фабриката, без вработените, но вчера нè известија дека ќе ги задржат оние што останаа да ја одржуваат печката, а другите ќе може да се јават на огласите што ќе ги распишуваат во следните месеци. Со производство, според сегашните најави, ќе се почне во јуни, кога истекува и рокот во кој рекоа дека ќе ги враќаат назад вработените“, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), за „Макфакс“.
Многумина од вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, стравуваат дека ќе извисат и новиот газда нема да ги врати на работа оти ќе бараат работници преку оглас. Градоначалникот Јанчев, пак, уверува дека тие ќе имаат предност за вработување.
„Добивме уверување дека ќе имаат предност вработените, но и без тоа во фабриката се бараат стручни луѓе и луѓе со искуство, а никој подобро не ја знае работата отколку досегашните вработени. Новите сопственици веќе влегоа во фабриката. Ќе ги направат неопходните ремонти, ќе направат план за работа и ќе ги враќаат постепено вработените. Тие дури рекоа дека се и загрижени дека нема да успеат да ја пополнат потребната бројка работници оти многумина заминаа во странство, некои си најдоа друга работа. Добивме цврсти уверувања дека ќе почнат со производство. Веќе имаат договори за снабдување со руда од Брегот на Слоновата Коска и од Гватемала. И, денес да тргне рудата, ќе треба еден месец за да стигне, а во тој период ќе почне и постапката за враќање на работниците. Мора да оди преку оглас оти така предвидуваат законите кај нас“, вели градоначалникот Јанчев за „Макфакс“.
Побарувањата од 2,1 милиона евра за четири неисплатени плати вработените ќе чекаат да им бидат исплатени во стечајната постапка за „Еуроникел индустри“, која беше отворена на почетокот на февруари. На стечајната постапка ќе чекаат и сите доставувачи што пријавиле долгови, но приоритет за исплата имаат платите на вработените.
Градоначалникот Јанчев вели дека веќе договорил со стечајниот управник Ацо Петров, кога ќе заврши стечајната постапка, да поднесат кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“, кое минатата година ја доведе до стечај фабриката.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.