Македонија
Досега во организација на МНР вратени се 1.842 македонски граѓани од странство
По апелот за пријавување македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, до денеска до 14 часот во организација на Министерството за надворешни работи вратени се 1.842 наши државјани.
Од нив, 1.097 се репатрирани од пет земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија) со седум авиони, и тоа од: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, а 150 граѓани со три хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Словенија и од Истанбул.
На 446 наши државјани им беше укажана помош од Министерството за надворешни работи преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка, пак, во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР им беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата.
За денес во вечерните часови планиран е лет за враќање на речиси 160 наши граѓани од Базел според најавите, а во согласност со заклучоците на Кризниот штаб и Владата МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности.
„Министерството за надворешни работи, заедно со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и другите надлежни органи, кои се дел од овој исклучително сложен и деликатен процес, ќе продолжат со вложување максимални напори при остварувањето на двата државни интереси – помош на граѓаните затекнати во странство и заштита на здравјето на граѓаните дома“, велат од МНР.
Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, додаваат од таму, овозможвиме репатријација и на повеќе од 400 странски државјани, кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.
На тој принцип им беше помогнато и на четворица наши државјани, кои со чартер-лет од Австрија беа пренесени од Перу до Виена, а Министерството и покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжи со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние што се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.