Македонија
Дудуш по вчерашниот инцидент: Граѓаните на Шуто Оризари да бидат претпазливи
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, повикува на смиреност кога вчера жители на населбата претепале полицајци мислејќи дека се киднапери.
„Сите сограѓани да останат смирени, да се воздржат од ескалации и да покажат трпение во интерес на успешно спроведување на истражниот процес. Сите релевантни фактори ја следат безбедносната ситуација, која е од круцијална важност за сите сограѓани и работат со цел расветлување на случајот“, вели Дудуш.
Тој порачува дека граѓаните на општината Шуто Оризари треба да бидат претпазливи.
„Доколку граѓаните сметаат дека е потребно да ги придружуваат децата до училиштата и градинките, да го направат тоа, да не го попречуваат редовното присуство на децата во училиштата и градинките и непречено да ги одвиваат секојдневните активности“, додава Дудуш.
Градоначалникот смета дека не постои простор за став и паника.
Вчера, на улицата Индира Ганди биле нападнати полициски службеници кои не биле на должност. Тие со возило пристигнале и биле претепани од страна на жителите во населбата.
„Инцидентот се случил кога малолетничка, наводно, видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција. Се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од Полициската станица Чаир, кои не биле на работа. Насобраните ги нападнале лицата што биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување лекарска помош“, соопшти МВР вчера.
Со полициските службеници што не биле на работа во возилото имало уште едно лице на 39-годишна возраст. Двајца од нив добиле тешки телесни повреди и биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ и комплексот клиники „Мајка Тереза“. Трите лица се од Долно Блаце.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден нема пријава за исчезнато или грабнато лице од ниту едно семејство на подрачјето на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.