Македонија
Европратеници со осуда за предизборниот спот на Џамбаски
Канцеларијата на делегацијата на Европскиот парламент во мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ го осудуваат предизборниот спот на европратеникот Ангел Џамбаски.
Во соопштението, што е испратено од страна на претседавачот на Комитетот, Андреас Шидер и заменик-претседавачи Ирена Јовева и Марион Валсман тие се против основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу двете земји.
„Длабоко жалиме што видеото отворено не ги почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на патот кон ЕУ, нешто што е признаено од Европскиот парламент, институциите на ЕУ и од земјите членки. Ја повикуваме бугарската влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео објавено од неговиот коалициски партнер и да се оддалечат себеси најјасно што може од ваквата реторика“, се вели во соопштението.
Во него понатаму се додава дека „Европската Унија има за цел да ги промовира мирот, нејзините демократски вредности и благосостојбата на граѓаните, да ги надмине историските разлики и да работи заедно за заедничка иднина.
„Ние инсистираме дека Бугарија и Северна Македонија треба да ги продолжат своите напори за добрососедски односи и сите активности што го нарушуваат овој дух треба да се избегнуваат и да се сметаат за неприфатливи“, стои во соопштението.
Европскиот парламент повикува и на итно прифаќање на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција без одложување со цел да почнат пристапните преговори за време на португалското претседателство.
Претходно заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД, Џамбаски во објава и видеоспот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид и други локации од државава наведе дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.