Македонија
Еднократна парична помош за првачињата
Општина Аеродром и оваа година доделува еднократна парична помош на семејствата со прваче во висина од 3.500 денари.Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете. Родителите на сите првачиња запишани во едно од училиштата на територијата на Општината можат да поднесат барање за еднократната парична помош од 1.6.2019 до 16.9.2019 година.
Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2019/2020 година на подрачјето на општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница (www.aerodrom.gov.mk) во менито за формулари или директно на линкот http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari.
Во прилог на барањето потребно е да се достават следните документи, кои треба да се оригинал, на увид, а не копија:
• Потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2019/2020 година заверена од основно училиште од територијата на општина Аеродром
• Оригинал извод од матичната книга на родените (за првачето) на увид
• Важечка лична карта од еден родител/старател, за идентификација од која се видни податоците за живеалиштето во општина Аеродром на увид
• Tрансакциска сметка од примателот на паричната помош (на еден од родителите/старателите) на увид
Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9 до 15 часот во канцеларија број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена околу почетокот на учебната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.