Македонија
„Екосвест“: Зелениот акциски план за Скопје се работи зад затворени врати
Зелениот акциски план за град Скопје, кој во моментот е во фаза на изработка, се работи зад затворени врати. Граѓанските организации активни во секторот животна средина, иако официјално побараа, не беа поканети на ниту една од работилниците, велат од здружението „Екосвест“. Од таму истакнуваат дека носењето план од значење за квалитетот на живеење на жителите на главниот град на нетранспарентен начин може повторно да значи погрешно потрошени пари, без никакво подобрување.
„Оваа година град Скопје стана еден од 29-те града во светот што добиваат поддршка од Европската банка за обнова и развој да изработат зелен акциски план (Green City Action Plan) со цел да почнат со решавање на најитните еколошки проблеми. Овие зелени акциски планови би требало да се носат на транспарентен начин со учество на граѓанските организации и граѓаните уште од фазата на идентификација на проблемите, меѓутоа сите презентации и работилници што досега се одржаа како дел од овој процес во Скопје беа само со покани, а граѓанските организации и граѓаните не беа поканети“, велат од „Екосвест“.
Од здружението велат дека во април испратиле барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации што би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план, но никој не бил поканет на презентациите и работилниците.
„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои тој ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо, е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество“, вели Давор Пехчевски од „Екосвест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: пет имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.