Македонија
Ексградоначалникот на Прилеп наместил тендер од 1,2 милион евра
Поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, е осомничен дека наместил тендер за зимско одржување на улиците во вредност од 77.031.890 денари или над 1,2 милион евра, информира МВР. Против него е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Освен него, кривична пријава за истото дело е поднесена и против И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54) и правното лице „Пела Транс“ ДООЕЛ, село Мажучиште, Прилепско, за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство.
Според пријавата, Ристески му овозможил на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општина Прилеп. Тој создал услови правното лице да биде единствен понудувач и воедно избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на општината. Пријавената фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци. Во тој период фирмата се наоѓала на листата на должници од УЈП, и тоа уште во билансот на состојба од 2011 година, кога за таа година бил наведен долг од преку 7.000.000 денари.
Второпријавениот М.С., во својство на сопственик и управител на фирмата, поднесувал лажна документација во договор со пријавените И.К., Љ.М. и И.Ч., коишто како одговорни лица во општинската администрација биле назначени и за членови во Комисијата за јавни набавки. Тие како членови на комисијата биле присутни во сите случаи при евалуација и одлучувале при секоја постапка за оваа јавна набавка во периодот од 2012 до 2017 година. Истовремено, И.К., Љ.М. и И.Ч. не побарале од пријавената фирма да им биде доставено оригинално уверение за платени даноци и придонеси, ниту, пак, по службена должност побарале од УЈП да ја потврди фактичката состојба.
Исто така, И.К. и Љ.М. овозможиле во тендерската документација да бидат поставени услови кои ја фаворизираат пријавената фирма. Тие поставувале економски и технички параметри кои само овој субјект ги исполнува. Покрај ова, биле предвидувани и лимити во вредноста на договорите со кои се барало вредноста на договорите, поединечно, да се движи во вредности од по 10.000.000 денари што биле склучени во претходни договори со „Пела транс“ ДООЕЛ.
Од страна на М.Р. за надзор за вршењето на зимското одржување било назначувано ЈП за ПУП Прилеп, а како надзорен инженер бил поставуван шестопријавениот Б.Н. кој не вршел споредба на позициите искажани во ситуациите со оние во градежниот дневник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Македонија
Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг
Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Со оглед на поразот, рече дека не е задоволен од изборниот резултат.
„Јас ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признам поразот на овие претседателски избори, а воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Сиљановска-Давкова и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг. Дали резултатите се задоволувачки-според мене нормално дека не се задоволувачки. Далеку се од очекувањата. Како и да е битно беше дека граѓаните на Република Македонија имаа избор. Избираа меѓу седум свои кандидати. Дали биле во право за тоа што го избрале, ќе видиме после пет години. Се надевам дека сите ќе бидеме живи и здрави и после пет години ќе констатираме дали изборот бил добар или не“, рече Јакимовски.
За да признае пораз тој не дочека Државната изборна комисија да ги преброи гласовите од сите избирачки места. Се прогласи за поразен со 60 отсто обработени гласови и освоени 4997 гласа.
Според досега обработените гласови во водство е Гордана Сиљановска-Давкова со 197741 глас, повеќе од двојн помалку гласови има актуелниот претседател Стево Пендаровски за кого гласале 97592 граѓани, зад него е Бујар Османи со 81.748 гласови, Арбен Таравари со 9591 гласа, Максим Димитриевски со т42296 гласа и Билјана Ванковска-Цветковска со освоени 23..472 гласа
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.