Македонија
ЕСМ и РЕК Битола засадија 50.000 багремови садници во околината на комбинатот
АД ЕСМ и РЕК Битола денес ја започнаа овогодинешната есенска акција за засадување на нови 50.000 багремови садници во околината на комбинатот. Почетокот на акцијата го означи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
“АД ЕСМ и РЕК Битола ќе засадат нови 50.000 багремови садници во рамките на овогодинешната акција за рекултивација на земјиштето на комбинатот. Набавката е во вредност од 400.000 денари. Заедно со 50-те илјади садници што ги посадивме минатата есен и пролетва, ќе стигнеме до бројка од 100.000 нови садници за две години. Тоа е 1/3 од вкупниот број на садници кои се посадени во и околу РЕК од почетокот на неговото работење. Податок кој доволно зборува за сериозноста со која ова раководство пристапи кон заштитата на животната средина. Колку за информација, во изминатите седум години, односно од 2013 година до лани, биле засадени само 20.000 садници во 2014 година. Заштитата на животната средина е наша обврска. Немаме никаква дилема дека како одговорна компанија мора да направиме сè за РЕК Битола од црна, да стане зелена точка на еколошката карта на земјава” – рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на почетокот на акцијата за пошумување.
Во денешната акција учество зеде и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, како и вработени во комбинатот.
“За време на акцијата ќе се пошумува во околината на одлагалиштето на пепел со што дополнително ќе се намали запрашувањето на околните населени места. Ќе пошумуваме и околу селата Агларци и Логоварди за конечно да почнеме да ги исцртуваме контурите на долгоспоменуваниот зелен појас околу РЕК Битола. Годинава особено ми е мило што во акцијата освен вработените од РЕК Битола ќе се вклучи и Здружението на волонтери Пелистер од Битола. Дел од членовите се и денес тука со нас, а во уште поголем број ќе ги има на 5 декември – Светскиот дел на волонтерството. РЕК Битола и ова раководство на комбинатот е подготвено да се справи со предизвиците што претстојат и да обезбеди почиста животна средина. На тој пат, сечија помош е добредојдена”, порача директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.
Во акцијата за пошумување околу РЕК Битола, учество зедоа и градоначалници на општините што се наоѓаат во непосредна близина на комбинатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Николоски: Како носител на ИЕ 4 за мене најдрага е победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно
Денес продолжуваме со кампањата за парламентарните и претседателските избори, денеска се спојуваат повторно двете кампањи. Продолжуваме тука од Струмица каде што планираме големи проекти по формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам сите граѓани да ја прочитаат нашата програма Платформа 1198 каде што нудиме решенија за најкрупните проблеми на граѓаните, пред се во делот на владеење на правото и воспоставување на функционален систем на владеење на правото и правна држава, понатаму економскиот развој, решенија за состојбите во образованието и во здравството, поддршка за пензионерите, но и за најмладите преку проектот „Купи куќа“ и бројни други проекти кои што ги имаме во Платформата 1198, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4.
„За нас е огромна привилегија поддршката која што ја добивме вчера, сметаме дека резултатот кој што вчера го постигна Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ е обврска во следните две недели уште поинтензивно да се среќаваме со сите кои што сакаат да се сретнат со нас, да го објасниме нашиот концепт и визија и да ја побараме поддршката. Очекувам на 8 мај да има убедлива победа за Гордана Силјановска Давкова и најмногу пратеници за ВМРО-ДПМНЕ кој што ќе овозможат стабилна влада која што нема да биде уценува од никого и кој што ќе овозможат во опозиција да одат и СДСМ, но и политичката партија ДУИ“, кажа тој.
Додаде дека е среќен како носител во ИЕ 4 што имаат победа во Струмица.
„Тоа мислам дека е голем сигнал не само за Струмица, не само за струмичката околија туку за цела Македонија. Победата за Струмица за мене е најдрага од сите победи вчера, сакам да се заблагодарам на тимот позади мене, во следните две недели ќе работиме уште поинтензивно за да имаме уште поубедлива победа и Струмица конечно да го добие она што го заслужува, а тоа е економски развој и воведување на функционална правна држава каде што ќе има јасно владеење на правото, а не она што се случуваше во годините наназад“, рече Николоски.
Македонија
Стојчевски: Родена е третата политичка сила во македонскиот политички блок
Даниел Стојчевски, носителот на листата на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во ИЕ 2 истакна дека е родена третата политичка сила во македонскиот политички блок.
„Граѓаните испратија јасна порака. Изборното востание со својата незапирлива позитивна енергија се шири низ цела Македонија. На граѓаните им е доста од неказнета корупција,неправда,сиромаштија,лажни ветувања и криминална власт. Ние од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија,искрено и чесно сме посветени на идејата нашата татковина да ја иградиме како просперитена држава во која обединето живеат среќни граѓани ,и никогаш нема да дозволиме граѓаните да бидат поделени по политичка, етничка или верска припадност“, истакна Стојчевски.
Се заблагодари на подршката на граѓаните и гласот кој го дале за како што рече, просперитетна Македонија.
„Ви благодариме за довербата која ни ја давате, да стигнеме до нашата заедничка цел, да ја видиме Македонија таму каде што заслужува да биде“, посочи тој.
Македонија
Таравари по веста дека имал тајна средба со Ахмети: Тоа е лага, но навикнат сум на понудите на Ахмети и не би било изненадување доколку дојде до мене
Претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“, Арбен Таравари ја демантира веста дека вчера тајно се сретнал и добил понуда од претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети по резултатите од претседателските избори.
„Со жалење денеска од еден многу сериозен албански медиум дознав дека синоќа се сретнав со господинот Ахмети и други функционери на ДУИ, за да слушнам понуда од господинот Ахмети. Не, не е вистина“, пишува Таравари ан социјалните мрежи.
„Кој ја кажал оваа вест лаже“, додава тој во напишаното.
„Синоќа му честитав на мојот тим и мирно денес продолжуваме со нашата работа кон промена! Навикнат сум на понудите на Ахмети и мислам дека не би било изненадување доколку дојде до мене, но оваа вест е лажна“, потенцира Таравари.