Македонија
„ЕУ треба да го направи вистинскиот потег“ – Османи во Брисел повика на итен почеток на преговорите
Европската Унија треба да го направи вистинскиот потег во овој момент и да преземе решителни чекори за итно отворање на пристапните преговори со Северна Македонија бидејќи целосната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија е од примарен политичко-безбедносен и геостратешки интерес за Унијата и за иднината на европскиот континент. Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој денес во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој беа поканети и министрите за надворешни работи од државите на Западен Балкан.
По одржаната стратешка дискусија за интеграцијата на државите од Западен Балкан меѓу министрите за надворешни работи на државите од ЕУ, на вториот дел од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ им се приклучија и нивните хомолози од регионот.
Во фокусот на дебатата беше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, последиците од војната во Украина врз државите од Западен Балкан и други теми од интерес за регионот.
Министерот Османи во своето обраќање го потенцира кредибилитетот на нашиот статус како држава кандидат, која посветено работи на својата ЕУ-агенда и со своите надворешнополитички позиции е доверлив партнер на Унијата и уште еднаш побара итно почнување на пристапните преговори со Северна Македонија, особено со оглед на влијанието на руската агресија врз Украина.
„Верувам дека по 20 години продлабочена асоцијација и интеграција, станува сѐ поочигледно дека ЕУ може да се профилира како Унија насочена кон иднината – силна, отпорна, безбедна и просперитетна, само со државите од регионот како нејзини идни членки“, укажа Османи.
Надоврзувајќи се на итната потреба од ангажман од страна на ЕУ во однос на остварувањето на европската перспектива за државите од Западен Балкан, министерот Османи порача дека државите со отворени горливи прашања на просторот на Западен Балкан ќе бидат дополнително охрабрени на компромиси доколку ЕУ покаже признание за севкупните досегашни напори во име на европскиот пат на нашата држава.
На маргините на Советот, Османи оствари средби со генералната секретарка на Европската комисија, Илзе Јухансоне, како и со други високи претставници во Европскиот совет и Комисијата. На средбите стана збор за нашето европско досие, актуелните состојби во регионот, како и влијанието на руската агресија врз Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски
Бојан Јовановски денеска во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“ во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години.
Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување на нови докази.
Барањето, како што рече, е поднесено поради нови околности и докази кои не биле употребени во доказната постапка.
„Случајот „Рекет“ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста конечно да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска официјално во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет““, истакна тој.
Кажа дека поседува цврсти докази кои наскоро ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот кој комуницирал директно со сите лица кои биле кривично засегнати со постапките на СЈО.
„Обвинителката Вилма Русковска презентираше само две-три пораки кои сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот „Рекет“, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот кој го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот кој го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите лица кои беа кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот кој во позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, кажа Јовановски.
Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.
„Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество кој што е суден за кривично дело кое е предвидено за лица кои вршат службена положба. Досега се судени Сашо Мијалков и Никола Груевски, третиот суден по ова кривично дело сум јас, но разликата е тоа што тие вршеле службена положба а јас сум бил цивилен граѓанин“, изјави тој.
„Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не извитоперена и избрзана, да ја докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, што навистина со случувало во фамозниот „Рекет“, случај зад кој стоеше една цела констелација на политички притисоци“, додаде Боки 13.
Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.
Македонија
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС – прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и државната секретарка, Магдалена Несторовска, оствари работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ по повод одбележувањето една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, а со цел промоција на соработката помеѓу претставниците на ФРОНТЕКС во локалниот координативен центар и одговорните старешини од РЦ за ГР ЈУГ, како и промовирање на европскиот пристап на координирање на сите заеднички активности и справување со предизвиците.
„Одбележуваме една година од работата на макеоднската полиција заедно со ФРОНТЕКС, со цел да ги одбраниме нашите и границите на ЕУ од прилив на мигранти. Тоа успешно го правиме од 2015 до денеска. Договорот е од историска важност, тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише со Европската Унија и ја отвори вратата за поинтензивна оперативна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување“, истана Бојмацалиев во изјава за медиумите заблагодарувајќи се до Тасевски и Несторовска за напорите што ги направија договорот да биде на македонски јазик и успешно да функционира во нашата држава.
„Со тоа уште еднаш покажуваме дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции, заедно работиме и од неодамна имаме барање од други полиции да вршиме обуки на нивните службеници како се справуваме со миграцијата. Од земја што бараше помош од другите држави за справување со миграцијата, сега нудиме помош“, рече Бојмацалиев.
Македонија
Ковачки ги повика неопределените да гласаат: „ Да се обединиме за идејата ‘Македонија повторно твоја’“
Народот е подготвен и обединет за промени, приклучете се кон ВМРО-ДПМНЕ за да ја поразиме оваа ненародна и криминална влада на СДС и ДУИ, порача Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3.
„Денеска сме во Кратово, Ранковце и Крива Паланка. Тука сме да презентираме проекти од Платформата 1198, ќе поразговараме со сите граѓани. Ги повикувам сите граѓани кои сеуште не се определиле и кои што ја чувствуваат позитивната енергија која што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, да се обединиме околу идејата за Македонија повторно твоја, да се обединиме околу проблемите“, рече Ковачки.
Како што додаде вчерашниот митинг во Охрид покажал дека народот е подготвен и обединет за промени, а ВМРО-ДПМНЕ е партија за македонско национално единство.