Македонија
Заев: Во развиените земји преживуваат скоро сите предвреме родени бебиња, тоа е и наша цел
Стапката на смртност на предвремено родени бебиња во државава е намалена двојно и изнесува 12 проценти на годишно ниво.
Ова го посочија надлежните институции денеска на свеченоста што се одржа на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје, по повод Светскиот ден на предвреме родени бебиња – 17 ноември.
Премиерот Заев порача дека институците треба постојано да се ангажираат за да ја променат црната статистика и покрај резултатите што се постигнати.
„Да им обезбедиме услови на малите борци да ги добијат неопходните услови во одделенијата за интензивна нега со соодветна топлина, поддршка за прихрана и основна грижа за инфекции и тешкотии во дишењето. Во развиените земји речиси сите овие бебиња преживуваат. Нашата намера е Северна Македонија да е една од тие земји. Имаме причина да веруваме дека сме на добар пат да го постигнеме тоа. Во 2016 година процентот на починати предвреме родени бебиња изнесуваше 25 проценти, во 2017 стапката се намали на 21, во 2018 изнесуваше 16 проценти, а годинава 12 проценти“, рече Заев.
Директорката на ГАК, Викторија Јовановска, посочи дека бројките за преполовената смртност мотивираат да бидат уште повеќе посветени и да ги елиминираат сите ризици и причини за смртност на предвреме родените бебиња.
„Владата обезбеди набавка на 25 инкубатори, со која значително се релаксира работата за персоналот, а уште поважно се обезбедија доволно современи инкубатори. Повеќе нема сместување на две бебиња во ист инкубатор со што се спречува дополнителниот ризик од инфекции и други компликации“, посочи Јовановска.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека успехот во третманот на прерано родените бебиња е резултат на промени и вложувања во повеќе области, кои како што рече, отсуствувале во минатите години.
Тој ги нагласи вложувањето во опрема, едукацијата на кадарот, класифицирањето на родилиштата и воведената работата по протоколи по светски стандарди.
По повод денешниот настан, гости на клиниката беа 40 дечиња поранешни пациенти кои биле родени предвреме, кои се дружеа и забавуваа со персоналот, со сопругите на претседателот и повеќе естрадни ѕвезди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.