Македонија
Заев во Љубојно: Ќе продолжиме да ја покажуваме грижата за македонскиот идентитет со дела
Премиерот Зоран Заев, при работната посета на преспанскиот регион, изврши увид на напредокот на работите на иницијативата за Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно, заедно со своите соработници, како и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски и Мери Стојанова, директорка на битолскиот Завод и Музеј.
„Старото училиште во с. Љубојно претставува еден од најважните објекти од почетокот на XX век во Преспа. Неговото значење не произлегува во толкава мера од неговите уметничко-стилски и архитектонски карактеристики туку многу повеќе од неговите културни и општествени вредности. Имено тоа претставува лулката, односно второто училиште во Македонија, во кое по завршувањето на Втората светска војна, започна да се одржува настава на македонски јазик.Ова е показател на самосвеста на локалното население за неговата самобитност и посебност, и за неговите напори за втемелување на основните човекови определби.
За жал еден долг период ова училиште беше потполно заборавено и напуштено, што може да се забележи од неговиот денешен изглед. Но, по прогласувањето на с. Љубојно за заштитена споменичка целина, и превземените иницијативи од страна на Владата, за обнова на старото училиште, сѐ поизвесна станува реализацијата на сонот на генерации и генерации ученици, кои ги поминале своите училишни денови во овој објект и кои сонуваа, и сѐ уште сонуваат, повторно да го видат во сиот негов сјај“, истакна директорката Стојанова.
Според Заев, оваа иницијатива се покрена по повод две години од потпишувањето на Договорот од Преспа, како и во чест на 76 годишнината од основањето на второто училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно на 15 ноември 1944 година, само една година подоцна, откако првото училиште беше основано во Дебарца и Подвис, уште за време на Втората светска војна во 1943 година.
„Со Договорот од Преспа ги премостивме речиси три-децениските разлики со Грција и ги обезбедивме нашите перспективи во евроатлантските и европските интеграции.Уште две главни придобивки произлегоа од овој историски договор. Се заштити нашиот идентитет во рамките на меѓународното право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, а со тоа се потврдија и нашата култура и културно наследство.
Центарот за грижа и промоција на македонскиот јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, за кој Владата обезбеди првични 30 милиони денари, треба да се гледа и во контекст на иницијативата за основање на Преспа Форум за Дијалог за кој исто така од Буџетот на државата се издвоени 100 милиони денари.Како дел од овој проект е предвидена изградба на мултимедијален центар за младите, кој соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што би се организирал меѓународен форум за дијалог и соработка. Преспа Форум за дијалог ќе претставува идентитет и бренд, кој ќе биде врзан за нашата држава.Со овој, како и со сите останати проекти кои ќе бидат инспирирани од широките можности за регионална соработка правиме сериозен исчекор за нов лик на регионот како место за инспиративна соработка и поврзување на народите и културите од регионот“, рече премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Куманово не се гласа на три избирачки места, на едното се изгубил печатот
Прекин на гласањето има на три места во Куманово, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Како што појасни, на едното бил изгубен печатот. На останатите две, биле направени обиди да се замени уредот за биометриска верификација, пришто гласањето во едниот случај продолжило па прекинало, а во вториот не продолжило.
„Тоа се трите места за коишто имаме добиено писмено известување. Ќе видиме вечер за што точно се работи и ќе одлучиме“, рече Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања.
Од ДИК појаснуваат дека се работи за прекин за повеќе од три часа, додека онаму каде што имало помали прекини, гласањето ќе се продолжи за онолку време колку што било прекинато.
На сите останати гласачки места, гласањето тече нормално и мирно, додаваат.
Пред полноќ се очекува да бидат обработени над 50 отсто од гласовите и ДИК да ги објави првичните неофицијани резултати.
Во однос на информациите за починати луѓе на избирачкиот список од ДИК обазложија дека оние коишто ќе починат 30 дена пред гласњето ги има на избирачкиот список, бидејќи тој е веќе заклучен. Велат дека списокот се ажурира неколкупати годишно во координација со Управа за водење на матични книги.
Македонија
Одѕивот до 17 часот изнесува 44,18 отсто – за околу 9 проценти повеќе во споредба со претходните претседателски избори
До 17 часот во првиот круг од претседателските избори, своето право на глас го оствариле 397.612 избирачи, или 44,18 отсто.
Како што соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, засега најголема е излезноста во Новаци, каде гласале 67,19 отсто, а најмала во Пласница – 15,5 отсто.
Засклучокот е дека гласањето се одвива мирно.
Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот, излезноста е поголема за околу 9 отсто.
Досега до ДИК се доставени 308 приговори, од кои 85 се усвоени, 27 отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Македонија
Петмина си ги фотографирале гласачките ливчиња, полицијата ги фати
Пет лица во периодот од 11 до 14 часот, биле фатени од страна на полицијата оти ги фотографирале своите гласачки ливчиња додека го остварувале своето право на глас, објави МВР.
-Во 11.10 часот е пријавено дека во село Коџалија, општина Радовиш на избирачко место број 1602 С.А. од с.Коџалија го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека на избирачко место број 2683/1 во Скопје А.С. (40) од Скопје го фотографирал гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Околу 12.15 часот е пријавено дека А.И.(48) од Охрид на избирачко место број 1271 во Охрид го фотографирал гласачкото ливче. А.И. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 12.35 часот е пријавено дека на избирачко место бр.0006 во Берово, Д.Т.(42) го фотографирал гласачкото ливче. Д.Т. е приведен во полициска станица и по документирање на на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
-Во 13.57 часот е пријавено дека на избирачко место 2555 во Скопје С.С. го фотографирала гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок, се наведува во извештајот на МВР.