Македонија
Заев, Вучиќ и Рама: Неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата оди против европската волја на нашите земји
Остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка – на земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни на ЕУ, истакнаа претседателот на Република Србија- Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Република Албанија – Еди Рама, и претседателот на Владата на Република Северна Македонија – Зоран Заев, кои денеска одржаа работна средба преку интернет-конференциска врска на која ја утврдија трипартитната, односно заедничка изјава „Европски Западен Балкан“.
Во трипартитната изјава се наведува дека постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонијаоди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ.
„Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули“, се наведува во изјавата.
Тројцата лидери сметаат дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи – заеднички регионален пазар, регионален шенген, зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес – граѓаните ќе почувствуваат опипливи резултати.
Како регион со приближно 18 милиони луѓе, се додава во изјавата, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно.
Вучиќ, Рама и Заев најавија дека на 29 јули ќе се сретнат во Скопје за да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот самит, меѓу трите земји. Договорите за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу земјите.
Ги поканија колегите во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан да стане важен дел од секојдневниот живот на граѓаните преку единствениот пазар. Во тој дух, Вучиќ, Рама и Заев се надеваат дека ќе го засилат процесот на соработка меѓу регионот.
„Гледајќи ги потешкотиите кои беа предизвикани од одложувања во процесот на проширување, ние веруваме дека сè уште може да се идентификуваат нови начини, политички области и финансиски инструменти, како и да имаме зајакнување на постоечките, така што ќе се подобри нашиот придонес кон Европа, нашиот однос со ЕУ и постепено да се интегрира регионот кон европскиот единствен пазар. Затоа, решивме денес да побараме од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициони, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан“, се додава во заедничката изјава.
Тројцата лидери се договориле и да побараат практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за граѓаните и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваат дека ќе можат да го објават напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен.
„Ние целосно ја препознаваме и повторуваме важноста на ресурсите на нашиот регион за зелената транзиција во Европа. Затоа, бараме Европската Унија, во тесно партнерство со Соединетите Американски Држави, да бидат дел од развивањето на овие ресурси на начини што ѝ помагаат на ЕУ да ги оствари своите планови притоа привлекувајќи повеќе инвестиции низ нашиот регион, правејќи го дел од европската зелена транзиција. Благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ. За таа цел, ние сме подготвени да го одработиме својот дел заедно и ќе сториме сè што можеме за да ги претвориме овие заеднички напори во заедничка сила за соочување со предизвиците кои ги носи иднината како цел регион составен од шест актери.
Албанија е Европа. Северна Македонија е Европа. Србија е Европа. Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот“, се додава во заедничката изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Просечната пензија ќе ја зголемиме на 30.000 денари
„Просечната пензија ќе биде 30.000 денари, што е зголемување од скоро 9.000 денари или над 40% до 2028 година. Овие покачувања ќе се случат како резултат на новата методологија за пресметка на пензиите која оваа Влада ја воведе со измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. На овие покачувања, новата Влада предводена од СДСМ ќе обезбеди и новогодишен пакет од 6.000 денари за секој пензионер“, изјави Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Зброувајќи за зголемување на минималната пензија, Битиќи истакна дека во следниот мандат истата ќе се зголеми на ниво од 20.000 денари, што би било зголемување од 45% до 2028 година.
Битиќи посочи дека во изборната програма предвидено е и енергетски додаток во износ од 1.500 денари за секој пензионер во периодот од октомври до март, односно во времетраење на грејната сезона, со што, како што рече тој, ќе го заштитиме стандардот на нашите највозрасни сограѓани.
„Ова значи дека секој наш пензионер ќе добива по 15.000 денари дополнително годишно, надвор од редовното покачување на пензијата која му следува по закон“, рече Битиќи.
Тој потсети дека минималната пензија во 2016 година изнесуваше 8.900 денари и истата е зголемена за 5.000 денари, и сега изнесува 13.900 денари, што е зголемување за 55% за период од седум ипол години.
„Просечната пензија која во 2016 година изнесуваше 13.800 денари, ја покачивме за 7.600 денари и сега таа изнесува 21.400 денари, или тоа е раст од 55%“, рече Битиќи и истакна овие достоинствени покачувања на пензиите се постигнати и ќе продолжат да се постигнуваат со домаќинско менаџирање со фондот за ПИОМ.
„Тотална спротивност се празните ветувања на ВМРО кое свесно им ветува зголемување од 5.000 денари, кое никогаш нема да се случи, затоа што ни самиот фонд за ПИОМ, ниту централниот буџет може да го понесе товарот од дополнителни 330 милиони евра годишно, за да се оствари ова ветување“, рече Битиќи, притоа порачувајќи дека „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ носи напред, домаќински раководи со државниот буџет и се грижи за сите граѓани.
„Пензионерите да се мирни, бидејќи ние мислиме за нивниот удобен и достоинствен живот“, порача од пред пензионерскиот дом во Чаир Фатмир Битиќи, коносител на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, на „Коалицијата за европска иднина“.
Македонија
Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард
„СДСМ се грижи за сите граѓани, особено за пензионерите. Преку конкретни политики обезбедивме економска сигурност и подобрен животен стандард. Минималната и просечната пензија пораснаа за 50 проценти, обезбедивме континуиран раст на пензиите. Го стабилизиравме Пензинскиот фонд, обезбедивме сигурност“, изјави Јован Митрески, носител во ИЕ 5 од Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ.
Тој додаде дека во време на Ковид кризата пензиите беа исплаќани и предвреме со цел да се заштити здравјето на пензионерите. Во таа насока, нагласи Митрески, зајакнат е здравствениот сикстем, реновирани се повеќе клиники и ургентни центри низ државата, а 80 проценти од градежните зафати од реконструкцијата во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се завршени.
„Во новиот мандат гарантираме минимална пензија од најмалку 20.000 денари, а просечната ќе достигне 30.000 денари. Ќе воведеме енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март, како и зимски регрес за пензионерите, во износ од 3.000 до 6.000 денари. Највисока поддршка ќе има за пензионерите со пониски пензии“, изјави Митрески и додаде дека ќе се градат и нови домови за стари лица.
Митрески истакна дека ни треба системски пристап, мерки кои се одржливи и кои даваат резултати, а не популистички и наменски решенија, кои само го уриваат системот.
Тој ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да ја поддржат Коалицијата за европска Македонија, предводена од СДСМ која има План има визија и знае како.
Македонија
Д-р Филипче од Струмица: 30.000 денари просечна и 20.000 минимална пензија во следниот мандат
„Секогаш е пријатен муабетот со пензионерите, затоа што тие се мудри, искусни и нивните совети се секогаш добредојдени“, рече д-р Венко Филипче, кој во рамки на својата агенда како кандидат за пратеник на СДСМ и Коалицијата оствари средба со Здружението на пензионерите во Струмица.
Во изјава за медиумите по остварената средба, д-р Филипче се осврна на придобивките и мерките кои СДСМ ги овозможи за пензионерите, потенцирајќи дека и во иднина ќе направи сè за да ја заштити оваа категорија граѓани.
„Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, овозможивме граѓаните да имаат лекови во кој било ден од месецот. Оваа мерка беше најважна за пензионерите кои можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава“, рече д-р Филипче.
Тој посочи и дека без разлика на кризите со кои се соочуваше целиот свет, СДСМ не дозволи товарот да биде ставен на грбот на оние кои не можат повеќе да заработуваат и пензиите беа покачени за 50% во нивниот мандат. Но, како што рече, за пензионерите мора да се посветува и повеќе внимание во наредниот период.
„Тие се најпеднатните плаќачи на обврските кон државата, најнавремено плаќаат сметки за струја, комуналии, купуваат голем број лекови, тие веднаш откако ќе ја земат пензијата, на еден начин парите повторно ги враќаат во државната каса“, истакна Филипче.
На крајот од своето обраќање, д-р Филипче ги повтори и ветувањата на СДСМ во следниот мандат, односно минимална пензија од најмалку 20.000 денари, просечна пензија од 30.000 денари, како и воведување енергетски пакети за пензионерите кои живеат сами, во висина од 1.500 денари месечно во периодот од октомври до март. Во зимските месеци, рече Филипче, пензионерите ќе добиваат регрес од 3.000 до 6.000 денари и додаде дека највисоката поддршка ќе биде за пензионерите со најниски пензии.
„Ќе направиме сè за на стари години по пензионирањето секој да ужива во плодовите од својот поранешен труд. Тоа се наши родители, кои нè застанале на нозе, штеделе за да нè школуваат, да нè изведат на прав пат. Сега ние треба да се грижиме за нив и да им обезбедиме достоинствена старост“, заклучи Филипче.