Македонија
Заев: Граѓаните не сакаат раскинување на договорот со Бугарија, се радуваат на подадената рака
Експремиерот Зоран Заев смета дека македонскиот народ и етничките заедници не ја поддржуваат иницијативата за раскинување на договорот со Бугарија. Одговарајќи на новинарско прашање од бугарските медиуми на денешното доделување на титулата почесен доктор на европратеникот Илхан Ќучук на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Заев рече дека граѓаните не само што не се за раскинување на договорот туку дека се радуваат на подадената рака. Некои од зборовите, експремиерот, додека даваше изјава, ги кажуваше и на бугарски јазик.
„Тоа веднаш е препознато од сите во Република Македонија, од сите граѓани, и тоа, би рекол, над 75 проценти се против ваквата инцијатива за референдум. 25 проценти има бидејќи тоа се членови на ВМРО-ДПМНЕ, ја следат својата партија. Никаде во светот нема некој да биде против пријателство, против добрососедство, да биде против соработка. Нашиот македонски народ, сите етнички заедници во Република Северна Македонија, тоа нема да го поддржат затоа што ние се радуваме на подадената рака, на пријателството, на соработката. Еве уште еднаш како поранешен градител на тоа пријателство, потписник на договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Република Бугарија, испраќам порака до политичарите и во Република Северна Македонија и во Бугарија да ги негуваат добрососедството, пријателството и соработката. Навистина сме блиски, им должиме на децата, на младите уште поголема соработка од сегашната“, рече Заев.
Тој смета дека кај нас има волја за смена на Уставот и дека тоа треба што побргу да се случи оти смената на Уставот значи што побргу отворање на поглавјата со Европската Унија.
„Се работи за впишување наши граѓани со бугарска самосвест, со црногорска, со хрватска и друга ако има. Мислам дека тоа прашање треба што побргу да се реши. Ќе ја земам Хрватска, која е членка на Европската Унија, која има ист Устав како нашиот, со мултиетничко општество, има 24 етнички заедници во нејзиниот Устав“, рече Заев.
На прашањето дали се кае за потпишувањето на договорот со Бугарија, Заев рече дека исклучително се гордее на двата договора што ги потпишал, на оној со Бугарија и на договорот со Грција, бидејќи благодарение на договорите, сега Македонија е пријател со сите свои соседи.
Иако не е премиер, Заев вели дека стои на располагање за одржување на добрите односи со Бугарија.
„Стојам на располагање секогаш како поранешен премиер во Република Северна Македонија да им бидам од помош на добрите односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија затоа што го сакам целиот бугарски народ како што си го сакам целиот наш македонски народ, а можам да бидам навистина од помош и во деловната соработка заради тоа што веќе се вратив во бизнисот и работам економија“, рече Заев.
Иницијативата за референдум со прашањето „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија“, денес ВМРО-ДПМНЕ ја достави во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот
Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија.
Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека е време на приватните клиники да се отвори Одделение за детоксикација и Клиничка токсикологија.
„35 години бев најголем борец за здрав јавен здравствен сектор. Дон Кохот конечно го напушта оклопот. Време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија. Бројот на консументи на психоактивни супстанции секојдневно расте“, пишува Беќаровски.
Ова се случува откако вчера на прес-конференција заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, дека не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо, тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица кои немаат соодветно образование.
Беќаровски кој е раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката рече дека едниот од нив, болничар, вршел притисок врз лаборант- барал урина во која имало наркотици, да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува, а Беќаровски се обидел да комуницира со неа на англиски јазик.
Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, но не и економската директорка бидејќи немал сознанија за прекршок.
Македонија
Дожд и снег на повисоките места: ЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, со доумерен ветер и со снег на повисоките места.
Кога се оди со возило на планините е препорачливо да се има полн резервоар гориво и да се внимава на лизгавоста и проодноста на патот, велат од ЦУК.
„Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации“, се наведува во соопштението.
Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
„Во реонот на автопатот A2 Кичево-Охрид, што е во изградба, во период од 12 до 16 часот ако се слушнат силни детонации, граѓаните да не се вознемируваат, во повеќе наврати ќе се извршат минирања на теренот“, информираат од ЦУК.
Македонија
Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори
Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април.
Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април, акредитирани се 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР.
Парламентраните избори во земјава ќе ги следат над 2000 домашни и странски набљудувачи.
Изборите за шеф на државата ќе ги следат и странски новинари.
Седмите претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а евентуалниот втор круг заедно со парламентарните на 8 мај.