Македонија
Заев и Харадинај: Извештаите на ЕК се реални и охрабрувачки за интензивирање на соседската и регионалната соработка
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Република Косово, Рамуш Харадинај, за време на Дигиталниот самит на Западен Балкан, на кој учествуваа во претпладневната сесија, имаа средба на која изразија заедничко задоволство од актуелните меѓусебни односи меѓу двете земји.
Двајцата премиери оценија дека Дигиталниот самит како настан претставува ново поглавје за дополнително интензивирање на регионалната соработка и израз на квалитетно динамизирање на иницијативата берлински процес, како и импулс за нов придонес за Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во текот на мај во Софија, Република Бугарија.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, разговараа и за извештајот на Европската комисија за земјите од Западен Балкан и се согласија дека извештаите се реални и охрабрувачки. Двајцата соговорници се согласија дека сега останува на земјите од регионот да продолжат со реформите со поголема инклузивност за посеопфатна реализација на сите препораки во процесот на евроинтеграција.
Двајцата споделија заеднички став дека и Република Македонија и Република Косово делат заеднички вредности и работат на посветено на заедничката иднина. Во таа насока оценија дека за преобразување на билатералните односи во регионот се добредојдени храбри и лидерски чекори, кои пред себе ја имаат иднината, а не минатото.
На средбата тема на разговор беше и зајакнувањето на трговската размена и новите можности за економска соработка низ конкретни заеднички проекти, како што е отворањето на one-stop-shop гранични премини, како и на заеднички иницијативи за некои прекугранични инфраструктурни проекти.
Беа споделени и информации за реализацијата на автопатот Скопје-Блаце за кој се привршува проектната документација и на кој ќе започне да се работи интензивно од септември оваа година, а работите на автопатот од косовска страна се во завршна фаза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.