Македонија
Заев и Царовска: По 60 години ООУ ,,Јоаким Крчоски” во село Волково добива нова современа спортска сала
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумовски, денеска ја пуштија во употреба современата спортска сала во општинското основно училиште „Јоаким Крчоски” во село Волково во Општина Ѓорче Петров.
Со нејзината изградбата од септември околу 400 ученици од селата Волково, Орман и Кучково, конечно ќе добијат соодветни услови за физичко образование, како клучен дел од заложбата за здрав и комплетен развој на младите.
„За нас како Влада вложувањата во спортот, особено во спортските објекти во училиштата, е исклучително важен фактор за развојот на прогресивно и инклузивно општеството кон коешто сите стремиме. Спортот овозможува социјална интеракција и влијае позитивно врз градењето на основни етички принципи, особено кај младата популација“, рече премиерот Заев.
Тој потсети дека основното училиште „Јоаким Крчоски“, кое е основано 1959 година во село Волково, досега немаше спортска сала, а учениците наставата по физичко и здравствено образование ја изведуваа во училница приспособена за вакви активности.
„По 60 години настава во импровизирани услови, оваа Влада ја препозна важноста на потребата од изградба на современ спортски објект и таа потреба ја ставивме во врвните приоритети на буџетирање. Во оваа пригода сакам да нагласам дека еден од приоритетите на оваа Влада е да го зголеми бројот на млади кои спортуваат за 30%. За таа цел планираме изградба на спортски сали во повеќе училишта каде што тие недостигаат“, истакна Заев.
Во соработка и со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, во мај 2019 година, започнаа градежните работи на нова типска спортска сала. За оваа сала преку Министерството за образование и наука од буџетот на Северна Македонија се издвоени 22.800.000 денари, а општината за расчистување и уредување на просторот одвои 4.000.000 денари.
Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека освен на воведување квалитетни и современи наставни програми и јакнење на наставниот кадар, изминатиот период МОН забрзано работи на подобрување на условите во училиштата, преку проширување изградба, и реконструкција на училишните згради и спортските сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.