Македонија
Заев и Шахпаска на средба со пензионерите
Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретнаа со претставници на Сојузот на здруженија на пензионери.
На средбата се разговараше за актуелната состојба и перспективите на пензионерите и возрасните лица, како многу значајна група на граѓани во општеството, при што беше истакнато дека Владата сериозно пристапува за што подобро совладување на актуелните предизвици кои се појавија во здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.
Претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери го поздравија позитивниот однос кон највозрасната категорија граѓани, во насока на редовно и предвремено исплаќање на пензиите, кое се врши во одделни денови заради заштита на нивното здравје, како и опфаќањето на дел од пензионерите со четвртиот пакет мерки и помошта која им беше доделена на оние со пензии до 15.000 денари.
Во насока на здравствената заштита, беше поздравена грижата за навремена вакцинација против Ковид-19 по возрасни групи на оваа бројна категорија граѓани.
„Пензионерите ни се приоритетна категорија граѓани во водењето грижа и преземаме мерки и реформи кои се однесуваат на подобрување на нивниот животен стандард, развојот на посебните социјални услуги и стабилизација на пензискиот систем“, рече премиерот Заев додавајќи дека е отворен за соработка и унапредување и динамизирање на сите мерки кои ќе им помогнат за подобар живот на пензионерите, чија бројка во нашата земја изнесува вкупно 327.000.
Министерката Шахпаска информираше за преземените конкретни активности во насока на подобрување на социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите, за што, како што подвлече, има солидна соработка со локалните самоуправи во земјата.
„Ги заокружуваме активностите за засилување на капацитетите за сместувања возрасни лица и пензионери и се преземаат конкретни пилот-проекти во делот на социјалните сервиси, посета и грижа на пензионерите, дневни центри и пензионерски домови, за што имаме потпишано и договори за децентрализација за социјалните услуги со 19 општини во државата“, рече министерката Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.