Македонија
Заев на средби со Ципрас, Макрон, Меркел и со Руте во Софија
Премиерот Зоран Заев на 17 мај ќе учествува на самитот на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во Софија, Бугарија, земја претседавач на Европскиот совет.
Заев во придружба на вицепремирот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе учествува во активностите на официјалната агенда на самитот. Премиерот ќе учествува и во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“, а за време на работниот ручек на шефовите на владите и на држави, со највисоките претставници на телата на Европската Унија, ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.
За време на самитот, како што информира владината прес-служба, Заев ќе има билатерални средби со претседателот на Франција, Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија, Марк Руте.
Во агендата на премиерот Заев се планирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија – Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас. Предвидена е и средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
На 16 мај Заев ќе се обрати на конференцијата „Демократија што испорачува: Десет години по откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, и на тинк-тенк организациите Центарот за демократски студии и Балканскиот европски фонд, како и на самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (PES).
За време на престојот на премиерот Заев во Софија организирана е и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка. Исто така, Заев заедно со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на самитот на ЕУ за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни
Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90 дена. Откога во понеделникот Комерцијална банка извести дека склучиле договор за продажба на имотот на фабриката со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската „Јулдирим груп“ (Yildirim Group), нивни претставници вчера имале состанок со Синдикатот и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Ги известиле дека почнуваат со подготовки за рестартирање на фабриката, кое очекуваат да биде во јуни.
„Од вчера почна да тече рокот од 90 дена во кој новите сопственици на фабриката ќе ги враќаат назад вработените. Нè известија дека ќе ги преземат 120-те вработени кои останаа на работа за да ја одржуваат печката додека сопственик беше Комерцијална банка, а за другите ќе има огласи. Ова рестартирање на фабриката се разликува од последното што го направи ‘Еуроникел’, кој зеде обврска да ги преземе и сите вработени. Новите сопственици ја купија само фабриката, без вработените, но вчера нè известија дека ќе ги задржат оние што останаа да ја одржуваат печката, а другите ќе може да се јават на огласите што ќе ги распишуваат во следните месеци. Со производство, според сегашните најави, ќе се почне во јуни, кога истекува и рокот во кој рекоа дека ќе ги враќаат назад вработените“, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), за „Макфакс“.
Многумина од вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, стравуваат дека ќе извисат и новиот газда нема да ги врати на работа оти ќе бараат работници преку оглас. Градоначалникот Јанчев, пак, уверува дека тие ќе имаат предност за вработување.
„Добивме уверување дека ќе имаат предност вработените, но и без тоа во фабриката се бараат стручни луѓе и луѓе со искуство, а никој подобро не ја знае работата отколку досегашните вработени. Новите сопственици веќе влегоа во фабриката. Ќе ги направат неопходните ремонти, ќе направат план за работа и ќе ги враќаат постепено вработените. Тие дури рекоа дека се и загрижени дека нема да успеат да ја пополнат потребната бројка работници оти многумина заминаа во странство, некои си најдоа друга работа. Добивме цврсти уверувања дека ќе почнат со производство. Веќе имаат договори за снабдување со руда од Брегот на Слоновата Коска и од Гватемала. И, денес да тргне рудата, ќе треба еден месец за да стигне, а во тој период ќе почне и постапката за враќање на работниците. Мора да оди преку оглас оти така предвидуваат законите кај нас“, вели градоначалникот Јанчев за „Макфакс“.
Побарувањата од 2,1 милиона евра за четири неисплатени плати вработените ќе чекаат да им бидат исплатени во стечајната постапка за „Еуроникел индустри“, која беше отворена на почетокот на февруари. На стечајната постапка ќе чекаат и сите доставувачи што пријавиле долгови, но приоритет за исплата имаат платите на вработените.
Градоначалникот Јанчев вели дека веќе договорил со стечајниот управник Ацо Петров, кога ќе заврши стечајната постапка, да поднесат кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“, кое минатата година ја доведе до стечај фабриката.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.