Македонија
Заев: Ниту едно искушение нема да нѐ оттргне од европските вредности
Ниту едно искушение или предизвик не може да нѐ оттргне од европските вредности, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев во обраќање на Федералното собрание на Млади европски федералисти, што вчера се одржа во Собранието на Република Македонија.
Поздравувајќи ги присутните млади европски федералисти, Заев истакна дека е задоволство да се види толкав број на политички активни млади од цела Европа собрани во Македонија, на Собрание на кое ќе ги дефинираат политиките и резолуции што ќе ги поднесат во Европскиот Парламент.
Премиерот Заев, исто така истакна дека, директната вклученост на младите во креирањето на политиките и политичката ангажираност е основа за прогрес на демократските заедници кои постојано се унапредуваат и се спроведуваат.
„Вашата поддршка за излез од политичката криза и за ослободување на заробената државата беше одговор и за нападите врз граѓанското општество. Храброст, доблест и вредност е да се заземе таков став. Никој од нас не може целосно да ги предвиди резултатите од нашите постапки. Но вие, почитувани млади луѓе покажавте дека вреди да се вложи напор. Практично демонстриравте како се применува граѓанското учество, инклузивноста, како една од европските вредности“, рече Заев.
Премиерот, во оваа прилика ги нагласи визиите, заложбата и чекорите на македонската влада, насочени кон Европската Унија и нејзините вредности, а со тоа и кон подобрување на животот на граѓаните во еден слободен и демократски политички амбиент.
„Секогаш упатуваме јасни пораки дека за Македонија нема друга алтернатива освен Европската Унија и НАТО. За нас нема друга алтернатива освен подобар живот за граѓаните, а сите знаеме дека евроатлантските интеграции одат паралелно и заедно со реформите, со унапредувањето на сервисите за граѓаните и со економскиот раст. Во исто време, ниту едно искушение или предизвик не може да не оттргне од европските вредности како што се солидарноста, еднаквоста и правичноста. Очекуваме дека Европската Унија и Европската Комисија наскоро, многу бргу ќе ѝ дадат шанса на Република Македонија овие вредности да ги спроведува и како рамноправен партнер во европската заедницата“, рече во своето обраќање Премиерот Заев.
Премиерот, во својот говор се осврна и на интензивната заложба на Владата на Република Македонија, партнерски и инклузивно да соработува со младинските организации. Тој потсети дека оваа недела, за прв пат во историјата на Македонија, беше организирана тематска владина седница, посветена на имплементирање на младинските политики во земјава, и ја истакна максималната поддршка за иницијативата за регионална соработка меѓу младите од Западен Балкан – RYCO.
Посакувајќи им успешна работа, Премиерот, дополнително нагласи дека одржувањето на Федералното Собрание на ЏЕФ – Европа, токму во Македонија го става фокусот на нашата земја и овозможува да покажеме, како што рече тој, дека „делиме исти европски вредности“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.
Македонија
Ромите за Демократија: Членови на СДСМ се закануваa на Ромите набљудувачи на изборите
Денес, додека Северна Македонија ги организира своите претседателски избори, се појави голема загриженост за безбедноста и интегритетот на изборниот процес. Членовите на фондацијата „Ромите за Демократија“, кои се набљудувачи на изборите, беа изложени на сериозни закани и заплашувања од членови поврзани со партијата СДСМ, се истакнува во соопштението на оваа фондација.
Додаваат дека како одговор на овие алармантни случувања, фондацијата „Ромите за Демократија“ испратила официјално писмо до лидерот на партијата СДСМ, во кое бараат итна акција.
Во писмото, како што појаснуваат, се повикува на итна истрага за заканите кон ромските изборни набљудувачи и се нагласува потребата од брзи и соодветни санкции против сите вклучени членови на партијата.
Фондацијата „Ромите за Демократија“ најостро го осудува овој чин на заплашување што се применува врз ромските набљудувачи на изборите“, изјави Селвије Мустафи Алкан, извршен директор на Фондацијата.
„Безбедноста на сите набљудувачи на изборите мора да бидат гарантирани за да се обезбеди интегритет на изборниот процес и да се поддржуваат принципите на демократијата“.
Во писмото дополнително се бара одговор од лидерот на партијата СДСМ до крајот на денот, во кој се наведени чекорите преземени за решавање на ситуацијата и спречување какви било дополнителни инциденти. Непочитувањето, како што велат, ќе резултира со информирање на меѓународната заедница, нагласувајќи ја одговорноста на партијата за безбедноста на набљудувачите на изборите.
„Нема да толерираме никакви закани или насилство врз оние кои се посветени на обезбедување слободни и фер избори“, продолжи Алкан. „Партијата СДСМ мора да ги почитува принципите на демократијата и да преземе итни активности за да ја обезбеди безбедноста на ромските набљудувачи на изборите“, истакнуваат од оваа фондација.