Македонија
Заев: Од Србија ќе добиеме 8.000 вакцини на „Фајзер“
Србија ќе ни отстапи 8.000 вакцини од „Фајзер“, a потоа можеби и ковид-вакцини од другите производители.
Премиерот Зоран Заев соопшти дека ја прифатил понудената помош од Србија преку претседателот Александар Вучиќ.
„Како што знаете, во последната недела бараме поддршка и од други земји да ни дадат помош за да можеме што побргу да почнеме додека не стигнат првите 5.850 дози во февруари. Сакам да ја споделам оваа среќна вест со граѓаните, понудената помош од Република Србија преку претседателот Вучиќ ја прифативме. Утрово разговаравме со претседателот Вучиќ и тие прифатија да ни помогнат. Деталите ќе ги утврдиме во текот на денот. Знам дека она што може да го потврдат е 8.000 вакцини од ‘Фајзер’, а другите имаат договори што треба да ги проверат, клаузули дали може тоа да го направат“, изјави Заев пред Граѓанскиот суд.
Српскиот претседател Вучиќ понудил вакцините да се доделат како донација, но Заев инсистирал тие да бидат платени по што се договориле Македонија да ги добие вакцините по нивната набавна цена.
Во минатите недели Бугарија и Грција сами се пријавија да ни отстапат дел од ковид-вакцините со кои тие ќе располагаат, но сè уште нема ни трага ни глас од нивната помош за Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден
Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.
„Од утре продолжуваме со средби со граѓаните и тргнуваме од нула. Имаше 7 кандидати и тоа е причината што се поделија гласовите. Мојата задача ќе биде како и изминатите 20 дена, да го промовирам концептот во кој верувам. Ги охрабрувам граѓаните да излезат во втoриот круг“, кажа Пендаровски.
Додаде дека во вториот круг очекува повеќе граѓани да го прифатат концептот во кој длабоко верува.
„Очекувам уште поголем одзив. Нема да барам договор со другите кандиати за механичко префрлување на гласовите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту сега планирам, за да механички преземам од било кого. Едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт. Ќе одбијам било каков обид за нудење на квантум на гласови – тоа би било големо понижување на граѓаните“, кажа тој.
Анализите, како што рече, ќе покажат „дали граѓаните го казнија него поради СДСМ“.
Потенцира дека нема да има пауза, ниту одмор за него до вториот круг од изборите.
„Од утре се гледаме на терен“, порача Пендаровски.
Македонија
Силјановска за убедливото водство: На пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат
Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот резултат е неверојатно инспиративен за нејзе и дека нема зборови со кои може да ја искаже благодарноста.
„Горда сум на мнозина, најпрво на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, заради поддршката, горда сум на мојот тим, ме подреа, ме критикуваа, горда сум на учесниците во изборната трка. Мислам дека сите знаеме дека изборниот процес е најстравствениот политички процес, но сепак во дебатата, во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, зошто каде и да бев јас, таму беа и тие, со поддршка. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност мислам дека е време за идентификација на жена со жена. Жените беа мојата инспирација, мислам дека сум и јас нив. Нема да се однесуваме ние како мажите низ историјата, ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, креација и вредно е ова општество да го искористи сето тоа“, рече кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
„Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене. Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, на пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.
Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.
Македонија
Стоилковски: Разликата е над 150 илјади, обработени се 75 отсто од гласовите
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски изјави дека разликата е над 150 илјади во корист на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова, по обработени над 75 отсто од гласовите.
Тој најави дека во 22 часот ќе има обраќање Силјановска Давкова, а во 22 и 30 ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.