Македонија
(Видео) Заев: Пратениците денес гласаат за најважниот документ по осамостојувањето
Лидерот на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, ги повика пратениците денес да го изгласаат предлогот за ратификација на Северноатлантскиот договор за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Со гласањето на овој договор Заев вели дека стратешката определба на државата станува реалност.
„Ги повикувам сите 120 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија да бидат на висина на одговорноста што овој историски ден им ја носи. Да се обединат за она што значи остварување на една од двете стратешки цели поставени уште од независноста, од далечната 1991 година, и денеска да го поддржат договорот. Се работи за иднината на сите наши деца. Овде не станува збор за политички партии, туку за животот на луѓето, за сегашноста и за иднината“, повика Заев.
По декларацијата за независност на Република Македонија од 15 јануари 1991 година, денес Заев смета дека пред пратениците во Собранието е најважниот документ од независноста до денеска.
„По години и децении патешествија, блокади, режим, стагнација, изолација, по години исцрпувачки преговори, конечно, го отворивме патот до членство во НАТО. Одлучивме проблемите да ги решаваме наместо да ги криеме под тепихот, решивме да им пријдеме, а не да бегаме од отворените прашања. И успеавме. Успеавме за сите наши граѓани. По 26 години спор, постигнавме договор кој го запечати нашиот македонски идентитет, кој беше оспоруван. Македонци од Република Северна Македонија, кои говорат македонски јазик и имаат своја македонска култура. Признаени од целиот свет“, рече Заев.
Економските придобивки за државата, според Заев, почнале да се чувствуваат уште со потпишувањето на договорот од Преспа, со раст на инвестициите, со намалена на историски минимум невработеност од 17,1 отсто, со зголемување на платите во сите сектори, раст на економијата од 4 отсто и над 60.000 нови работни места.
За најавите за враќање чекор назад, Заев вели дека се опасни, антизападни и антидржавни и значат враќање во времињата на изолација, блокади, ембарга и вета, на кавги со соседите, времиња на несигурност и неизвесност.
„Нема шанси. Нашата држава предолго беше таму и затоа ние нема да дозволиме повторно да се враќаме назад во мрачното минато“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата
„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори и ако Бујар Османи биде избран за претседател на државата.
Симулативната седница на Собранието ја отвори претседателот на ДУИ, Али Ахмети, а откако ги поздрави пратениците и присутните, најпрво избра двајца заменици Фатима Османовска и Бејџан Иљаз, а како прва точка на дневен ред ја предложи верификација на мандатите на пратениците и втора точка избор на претседател на Собранието.
Зиадин Села на симулативната седница беше избран за претседател на Собранието, а трета точка на дневниот ред, беа предложени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот, преку измена на уставот со гласање на 120 пратеници.
Четврта точка на дневниот ред беше за време на симулацијата беше Свечената декларација на Бујар Османи, како претседател на државата.
Македонија
Отстранети 100 кубни метри отпад од диви депонии во Ѓорче Петров
Во текот на изминатите два дена екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во координација со Град Скопје, спроведоа акција за отстранување неколку диви депонии лоцирани во скопската општина Ѓорче Петров.
Во рамките на акцијата беа подигнати и транспортирани приближно 100 кубни метри претежно кабаст, градежен и мешан комунален отпад, при што се отстранети 60 кубни метри отпад од обемна дива депонија на улицата Црногорска, во близина на автобуската постојка, како и 40 кубни метри отпад од неколку помали диви депонии лоцирани на улиците Македонска војска, Христо Батанџиев, Борис Сарафов, Никола Пушкаров и Лука Геров.
Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје апелираат до граѓаните правилно и совесно да го одлагаат својот отпад и на тој начин да придонесат кон заштитата на животната средина и јавното здравје.
Македонија
„Алкалоид“ најпосакуван работодавец за 2023 година – апсолутен победник според „Вработување.ком“
„Алкалоид“ најпосакуван работодавач за 2023 година – апсолутен победник според „Вработување.ком“ „За една успешна и амбициозна компанија огромен предизвик е да се одржат високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности. ’Алкалоид’ секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на трудот, без оглед на тоа за која позиција станува збор“.
„Алкалоид“ АД Скопје по вторпат е прогласен за апсолутен победник за најатрактивен работодавач, односно најпосакувана македонска компанија за работа за 2023 година, врз основа на следните критериуми: следење на интересот за објавите и за огласите на компаниите од страна на посетителите на интернет-страницата „Вработување.ком“, интересот на апликантите и спроведената анкета на тема „Во која компанија би се вработиле без размислување?“. Настанот за првпат се реализираше во 2023 година низ симболиката на оскари за работодавачите во земјава, со цел афирмирање на позитивните практики на македонскиот пазар на трудот.
Наградата за работодавач на годината му беше врачена на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој изјави: „Ова е награда на 3.000 семејства кои работат во ’Алкалоид’ во Македонија и подружниците во странство! Признание за целиот оној труд, знаење и вештини кои се вградени во секој наш производ и во секој наш процес во изминатите 88 години постоење. Ова признание е доказ дека во Македонија навистина има квалитетни луѓе.“
„Алкалоид“ континуирано негува стимулирачка работна средина и постојано го надградува системот на бенефиции за своите вработени, кој вклучува: обезбедено доброволно приватно здравствено осигурување, бенефиции за децата на вработените во форма на субвенциониран износ за вонучилишни активности, новогодишен линеарен надомест за секој вработен, исплата на регрес за годишен одмор во износ над законски утврдениот минимум, награди за вработените за лојалност и дополнителни надоместоци во согласност со вклученоста во успешно завршени интерни проекти, годишен наменски буџет за едукации и за стручни доусовршувања, редовни тим-билдинг активности, можности за кариерен развој во компанијата и надвор од неа, подарок за секое новороденче на вработен, новогодишни пакетчиња за децата на вработените и друго.
ПР