Македонија
(Видео) Заев предлага предвремени избори што е можно побрзо
Премиерот Зоран Заев предлага одржување на предвремени парламентарни избори што е можно побрзо. Во своето прво обраќање откако Европската Унија не додели датум за преговори за Северна Македонија, Заев рече дека утре на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски ќе предложи да се одржат предвремени избори.
„Одговорно се исправам пред вашата одлука, сега е потребен вашиот став, немаме време за губење. Предлагам организирање предвремени избори, најбрзо што може, избори на кои вие граѓаните ќе донесете одлука и потврда за патот по кој треба да продолжи нашата земја“, порача Заев во своето обраќање до граѓаните.
Сериозноста на актуелниот миг, додаде тој, бара од мене и од сите нас сериозна одлука.
„Поаѓајќи дека секој политичар мора да биде одговорен и чесен ја преземам врз себе разочараноста на својот народ, се исправам пред вас и порачувам: европскиот сон на македонскиот народ нема да биде срушен“, порача премиерот.
Во врска со шпекулациите кои се појавија во медиумите дека Заев ќе даде оставка, тој кажа дека ги разгледал сите опции.
„Сите опции беа во мојата глава, јас го почувствував гневот кај нашиот народ. Но реков јас немам право да се откажам да се борам, јас ја сакам својата земја и својот народ и тој ќе одлучи сега дали ќе продолжиме по тој пат. Не сме сјајни, имаме грешки, но нема друг пат. Сè друго е крив пат, сè друго е нешто во кое 27 години се вртевме“, рече Заев.
Тој оцени дека тоа што ЕУ не успеала да донесе одлука за отворање преговори со Северна Македонија е нивна историска грешка.
„ЕУ не го испорача тоа што ни го вети. Ние ги исполнивме сите наши обврски, испорачавме реформи и ги решивме споровите со соседите. Тоа што ЕУ не успеа да донесе одлука за отворање преговори со нас е нивна историска грешка и тоа го потврдија сите европски лидери. Ние направивме сè што можевме и сè што требаше“, рече Заев.
Тој им се заблагодари на мнозинството европски лидери кои се заложиле за Северна Македонија.
„Факт е дека ние сме жртви на историска грешка на ЕУ и тоа кај сите нас предизвикува огорченост. Јас сум разочаран и лут и знам дека и народот така се чувствува. За мене ова неисполнето ветување е лоша и неправедна постапка на Унијата. Но тоа е одлука на ЕУ заради нивни нерешени внатрешни работи и таа одлука не можевме да ја промениме“, рече Заев.
Македонскиот премиер кажа и дека на последните состаноци во Брисел буквално ги молел европските лидери да не ги гасат, како што рече, ѕвездичките од европското знаме за Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон ЕУ
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше воведно обраќање на Инаугуративниот меѓународен симпозиум на Меѓународната асоцијација за безбедност на администратори на кампуси на агенциите за спроведување на законот (IACLEA).
Овој симпозиум ги опфати темите поврзани со сајбер безбедноста, спречувањето на криминалот од омраза, обезбедувањето при собири од поголеми размери, спречувањето и борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, а на истиот свое учество имаат и реномирани меѓународни експерти од оваа област, вклучително и од македонското министерство за внатрешни работи.
Истакнувајќи ја меѓусебната соработка во борбата против транснационалниот криминал, Тошковски во своето обраќање потенцираше дека:
„Географијата нé прави соседи. Историјата нé прави пријатели. Економијата нé прави партнери, а неопходноста од заедничко дејствување против сите закани и опасности – нé направи сојузници. Најголем двигател за регионална соработка во земјите од Западен Балкан е приклучувањето кон Европската унија. Во Европската Унија – регионалната соработка е средство за постигнување стабилизација, еден од чекорите за натамошна интеграција на ЕУ. Со други зборови, сите сме „за“ регионална соработка, но заради различни причини.“
Сервисни информации
Сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента
Од 9.10 часот сообраќајот на патот Битола – Прилеп се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.