Македонија
Заев: Пријателството меѓу Северна Македонија и Чешка ќе го зајакнеме во економијата
Од март оваа година до оваа моја посета денеска имало дури 5 посети на македонски и на чешки највисоки претставници на двете земји во Северна Македонија и во Република Чешка. Тоа доволно силно зборува за одличните политички односи, пријателски врски меѓу нашите две земји, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со премиерот на Чешка, Андреј Бабиш, во рамките на официјалната посета на македонска владина делегација на оваа земја.
Заев рече дека Чешка е еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и НАТО.
Чешка, заедно со Австрија и Италија, беше земја лидер и иницијатор зад која застанаа 15 земји членки на ЕУ и со писмо до Европската комисија упати повик за подобрување на ефикасноста на процесот на пристапување.
„Тоа се само неколку од големите пријателски гестови на Чешка кон Северна Македонија. Ние сме охрабрени со континуираните заложби да се задржи прашањето за проширување видливо и високо на агендата на ЕУ по октомврискиот совет на ЕУ. Искрено, се надеваме дека овој притисок ќе даде резултати и дека многу бргу во претстојниот период ќе пристигне одлуката за почеток на преговорите за пристапување на нашата земја во ЕУ“, рече премиерот.
Заев во Прага рече дека сега е време двете земји да се посветат на економската соработка, особено во делот на зајакнување на трговската размена и во интензивирањето на инвестициската соработка.
„Мешовитиот комитет за економска соработка ги утврди главните области што може да ги подобрат меѓусебната трговска размена и економската соработка. Сега треба ние, политичките лидери на двете земји, да ги ја поттикнеме соработката во енергетскиот сектор, во делот на обновливите извори на енергија, во автомобилската индустрија, во туризмот. Многу ме радува што деновиве ги привршуваме договорите со компанијата ‘Локотранс’ за инвестиција во областа на железничката инфраструктура со вкупна вредност од 20 милиони евра. Компанијата има намера да инвестира во регионален центар за логистика и дистрибуција со седиште во Скопје, во главниот град на нашата земја, а операциите да ги изведува за целиот регион на Западен Балкан“, рече премиерот Заев.
Премиерот Бабиш нагласи дека Чешка ќе ја продолжи поддршката на европските аспирации на Северна Македонија. Тој нагласил дека неговата земја продолжува да инсистира ова прашање да заврши со позитивен исход до март следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта, да состави документи, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави
Данела Арсовска сопре градба на две основни училишта, сопре градба на две градинки и сопре градба на едно затворено спортско игралиште, потребно за граѓаните на општините Гази Баба, на Кисела вода и на Аеродром.
Арсовска запре донесени одлуки на Советот на Град Скопје за ослободување од надоместоци за уредување на градежно земјиште за овие проекти, со образложение дека биле, како самата вели, неписмени, истакна на прес-конференција Наум Столковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја повикуваме Данела Арсовска таа сама да состави вакви документи, а Советот без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска, само ќе ги усвои.
Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта и затворени спортски објекти, и ако не е против скопјани и Скопје, се очекува од неа најбрзо таа самата да донесе писмени барања за овие пет проекти за скопјани, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска“, дециден е Стоилковски.
Во спротивно, како што рече, Данела Арсовска само ќе докаже дека е продолжена рака на Миле Зечевиќ и на СДС, наспроти вистинските потреби на скопјани за две градинки, две училишта и за спортски објекти.
Македонија
Прва пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од „Квир центар“, против лицето С. М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 година донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот во јули минатата година на социјалната мрежа „Фејсбук“ под споделена медиумска содржина има напишано два коментара со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија, со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење материјали преку интернет, кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Скопскиот „Квир центар“ ја поздравува одлуката на судот, кој демонстрира дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па „Квир центар“ смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат цел на говор на омраза или дела од омраза.
Македонија
(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски
„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша. Она што особено ги загрижува граѓаните на Прилеп, е зачестениот тренд на опожарување на возила. Во последните неколку недели, запалените автомобили станаа прилепско секојдневие. Горат автомобилите на наши сограѓани: бизнисмени, обвинители, адвокати. Дневните билтени на МВР се претворени во регистер на настани од рубриката „црна хроника“, а фактот дека ниту еден од сторителите и нарачателите на овие дела не е откриен, го зголемува чувството на страв и несигурност кај граѓаните“, вели Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Заради нестручноста на партиските војници на ДПМНЕ инфилтрирани во највисоките раководни структури на МВР, Прилеп стана опасно место за живеење.
И покрај тоа што на сите 15 клучни оддели за борба против криминалот техничкиот министер Панче Тошкоски постави свои началници, во изминатите два месеца Министерството за внатрешни работи не испорача никакви резултати.
Ветувањата на Тошкоски дека ќе ја интензивира борбата против криминалот, дека криминалните банди ќе станат минато, останаа мртво слово на хартија.
Голема лага беше и ветувањето на неговиот партиски шеф Христијан Мицкоски, дека кадрите на ДПМНЕ за две недели ќе ги расчистат сите афери и скандали во државата.
За само два месеца, ДПМНЕ не’ потсети на 11-годишното живеење во режим и повторно на дело го врати системот МВРО-ВМРО. Во ДПМНЕ ништо не е сменето. Тоа е истата режимска и антиевропска партија, за која граѓанските права и демократските вредности се мислена именка.
Нема промена на подобро со ДПМНЕ, тоа е партија која не може да донесе позитивна промена. Со ДПМНЕ загрозена е безбедноста на граѓаните на Прилеп.
Загрозувањето на европскиот пат значи и загрозување на безбедноста на граѓаните, тоа прилепчани добро го знаат“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.