Македонија
Заев си разменувал фотографии со лажниот Порошенко
Премиерот Зоран Заев обелодени дека освен што тие му се јавувале, и тој ги контактирал лажните Столтенберг и Порошенко, односно руските комичари. Одговорност нема да бара од никого, повтори Заев, додавајќи дека ќе продолжи со директни комуникации без владиниот протокол.
Премиерот разменувал и фотографии од настани што се случувале во Украина и Македонија. Тој вели дека добивал слики од Парадата на војската, а праќал од посетата на Ангела Меркел во Македонија. „Во таа комуникација што сме ја имале, да, можно е како што тие што ме барале мене и јас да сум го барал, мислејќи дека е претседателот Порошенко. Завчера, кога се објавија снимките, сфатив дека тие не се вистинските Столтенберг и Порошенко“, вели Заев.
За барањето на опозициската тој да даде оставка, Заев рече дека останува на ставот што го кажал вчера, односно дека нема намера да ја напушти Владата.
„Јас продолжувам со директни комуникации со премиери и претседатели. Комуницирам и мислам дека тоа е помош за мојата земја. Градиме пријателство, а комуникациите носат информации. Нема протокол кој мене може да ме ограничи ако јас сакам да ви се јавам, на премиери или кого било“, рече Заев.
Ова е само аларм за да се подигнат протоколите кога се комуницира преку фиксната телефонија на Владата. Претходно, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот на премиерот Зоран Заев со лажните Столтенберг и Порошенко. Таа вели дека државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, кибер, но и друг тип закани. Оставка од Заев поради разговорите со руските пранкери Вован и Лексус кои лажно се претставуваа, побара и опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.