Македонија
Заев: Со Ципрас договоривме решение за паметење, соодветно на политичари со визија
Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас во рамки на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон, од страна на британската премиерка Тереза Меј биле поканети заедно со неа на посебна фото-сесија како придонес во сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“.
Како што информираат од владината прес-служба, токму на оваа сесија посебно место добил постигнатиот договор за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиското партнерство меѓу двете земји, кој беше потпишан на 17 јуни во Преспа.
Премиерот Заев на поканата да зборува на оваа сесија за надворешните политики, билатералните прашања и наследството од минатото на земјите од Западен Балкан, истакнал дека договорот меѓу двете земји, всушност, е најдобриот придонес за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.
„Што е ако не е пријателство кога се грижите со истата посветеност за интересите на вашиот политички партнер како и за своите? Што е ако не е пријателство кога ви станува најважно да создадете атмосфера во која најотворено ќе се разговара за прашања за кои преовладувал став дека нема решение? Кога ви е најважно таквата пријателска атмосфера да ја негувате како еднакво важна како и решението кон кое стремите. Низ целиот процес инсистиравме дека ние не зборуваме за црвени линии. Си рековме едни со други дека црвените линии се ограничувачки. Се согласивме дека, доколку ги има, ќе нè ограничуваат, ќе бидат закана за храброста. Црвените линии ве ставаат во кутија. Ние рековме – нема да го ставиме процесот во кутијата на црвените линии. Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис“, истакнал Заев и додал дека со овој договор е ставен крај на повеќегодишните разлики кои, како што рекол, издигнале ѕид кој ги отежнувал пријателските односи меѓу соседите и создавал неизвесност за нашата иднина.
Премиерот потенцирал дека тој, премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, членовите на владите, заедно со соработниците и со поддршката на Обединетите нации, на Европската Унија и со поддршката и на заедничките стратешки пријатели, тргнале во одлучни чекори за решение на ова прашање, кое, нагласил, ќе биде достоинствено и прифатливо за двете страни.
„Со премиерот Ципрас избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не за нас и за нашите политички партии. Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денеска ако не беа лидерите кои на политичката сцена излегуваа траги за паметење, траги заради кои ние денеска ги уживаме плодовите на нивното визионерство? Што ќе беше Европа денес ако на политичката сцена излегуваа самобендисани и самодоволни, кусогледи политичари, без визија?“, нагласил Заев и изразил благодарност за континуираната поддршка што на овој процес му ја давале лидерите на земјите членки на ЕУ, поддршката на лидерите на ЕУ и за поддршката на лидерите на соседните земји и пријатели од Западен Балкан.
На сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која се обратил премиерот Заев, лидерите на ЕУ и на Западен Балкан биле едногласни дека храброста на премиерите Заев и Ципрас е модел за решавање и на најсложени билатерални прашања и дека тие и понатаму ќе имаат голема поддршка во имплементацијата на договорот од Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.