Македонија
Заев ја повика нацијата да направи четврт Илинден, да го прифати името Република Илинденска Македонија
Во обраќањето по лидерската средба, денес премиерот Зоран Заев ја повика нацијата да го поддржи предлогот Република Македонија да се преименува во Република Илинденска Македонија со што ќе го направи четвртиот Илинден. Премиерот смета дека ни треба четврт Илинден за да се обединиме одново и нагласи дека Илинден е нашата светла иднина.
„Со четврт Илинден, со евентуален договор меѓу Република Илинденска Македонија неповратно го отвораме патот кон членство во ЕУ и НАТО, што е гаранција за нашиот опстанок и напредок. Јас сум Македонец и ве повикувам сите, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, и сите други, ама сите – следете ме и поддржете го можното решение за 25 годишниот спор кој ја влечеше Македонија надолу конечно да го решиме. Ајде сите заедно да ставиме печат на безбедноста, стабилноста и развојот на нашата Македонија. Ајде сите заедно да поддржиме решение кое гарантира економски просперитет и унапредување на идентитетот“, повика премиерот Заев.
Тој рече дека сега е моментот кога сите политички сили, сите групи и заедници треба да се приклучат за се искористи историската шанса за дефинитевен заеднички успех на Македонија.
Заев образложи дека Илинден е судбински за Македонците. Првиот Илинден од 1903 година го претстави како симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедувања со кој е формирана првата Република на Балканот. Вториот Илинден, оној од 1944 година, според премиерот е заокружување на борбата за формирање држава. Потсети дека на вториот Илинден е воведен македонскиот јазик како службен јазик во Македонија. Третиот Илинден премиерот рече дека е 8 септември 1991 година, кога Македонија без капка крв се изборила за независност, самостојност и меѓународно признавање.
„Слободна и независна Република Македонија е плод на трите Илиндени – на Илинденското востание и Крушевската Република, на НОБ и партизанските единици кои ги носеа имињата на славните Илинденци, и на политичката борба за независна и меѓународно признаена Македонија“, рече премиерот Заев.
Прифаќање на предложеното име за Македонија ќе значи неповратно отворање на патот кон членство во ЕУ и НАТО, отворени врати, наместо блокади и повеќе пари и помош од ЕУ, смета премиерот.
Во случај да не биде прифатен предлогот од било која страна, Заев рече дека ќе остане посветен се додека не се најде решение прифатливо за двете страни.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по средбата изјави дека го отфрла предлогот оти е очигледно дека подразбира менување на Уставот, а тие не поддржуваат предлог поради кој ќе биде неопходно менување на највисокиот правен акт на државата.
Претседателот на државата, пак, по средбата излезе без став за предлогот. Рече дека ќе чека да го добие предлогот во писмена форма за да изгради став.
Средбата траеше три часа, со две паузи за консултации. Клубот на пратеници без коментар на предлогот за името го напушти претседателот на собранието Талат Џафери, а изјави не дадоа ниту лидерот на ДУИ Али Ахмети, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска како и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ванковска: Преспанскиот и бугарскиот договор се колонизаторски договори
Професорката Билјана Ванковска и претседателски кандидат на Левица во Фејсбук статус истакнува дека има разочарани млади луѓе кои мислат дека кога политичарите говорат за прашањата за Преспа и другите договори, тоа е само губење време и одвлекување на вниманието од реалните проблеми на земјата, сиромаштијата, невработеноста, корупцијата и сл..
„Точно е! Мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, очајни се од непостоење здравствен или образовен систем, сакаат развој а не вртење кон минатото.
Она што овие млади (а инаку умни) луѓе уште не го научиле е дека геополитиката (која ни ја наметнаа) е тесно поврзана со геоекономијата. Би очекувала својот критички ум да го свртат кон, на пример, поврзаноста на нашата колонијална положба со Преспа и Митилинеос. Или дури и со Бехтел и Енка… и уште многу ситни и не толку ситни зделки на македонските компрадорски елити кои нѐ продадоа како на сточен пазар, ни ги одзедоа и идентитетот и достоинството, ама и ги наполнија своите џебови врз база на бајките за ЕУ интеграција со смена на името и уставот.
It’s all about geopolitics, stupid!“, пишува Ванковска.
Според неа, Преспа и Бугарскиот договор не се само национални, идентитетски прашања, туку и класни и социоекономски. Ние, додава таа, сме во класично ропство, а принудени да аплаудираме на колонизаторите кои не се тука за наше добро, туку за свои интереси.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Идната наша влада ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип
Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе изгради нов објект за Клиничкиот центар во Скопје и ќе ја доизгради Клиничката болница во Штип, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Главен фокус на идната влада во здравството ќе биде укинување на дуализмот. Ќе се спроведе спојување на клиниките во еден интегриран Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“. Интегриран Клинички центар во Скопје ќе значи подобри услуги за пациентите и намалување на трошоците при јавните набавки, кои ќе бидат вршени централизирано. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го заокружи целиот процес со Клиничкиот центар во Скопје со изградба на нов објект“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, истовремено владата ќе биде силно фокусирана и на довршување со градбата на Клиничката болница во Штип.
„По изградбата на Клиничката болница истата ќе биде опремена со најсовремена опрема и истата ќе се доекипира со соодветен медицински кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има здравјето на граѓаните на прво место, затоа континуирано ќе вложуваме во здравството. Време е да ја вратиме државата на народот“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат Асаф Еисин, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Целосен молк од страна на Пендаровски, Ковачевски и СДС за улогата и начинот на ангажирање на спорниот странски консултат, Асаф Еисин, кои е вклучен во кампањата на Стево Пендаровски и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како и секогаш Пендаровски, Ковачевски и СДС кога се фатени во скандал или криминал се служат само со навреди, лаги и манипулации наместо да дадат конкретни одговори на релевантни прашања поврзани со скандалот. Повеќе од десетина дена, откако признаа дека се среќавале со контроверзниот израелски консултат Еисин, нема одговор како тој е ангажиран во нивната кампања, како го исплаќаат и дали тој е ангажиран за црна кампања, кампања на поделби и етикетирања. Јавноста заслужува одговори како овој балкански мешетар СДС и Ковачевски го исплаќаат, бидејќи во ниту еден извештај за финансиско работење неговиот ангажман не е заведен, и дали истиот е плаќан со црни пари, кеш на рака, од криминалните тендери на власта, пари украдени од граѓаните“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочуваат, од СДС треба да одговорат, дали покрај ангажирањето на Еисин, во Македонија се дојдени и две други лица, кои се локална поддршка на консултантот на Еисин, кои се сместени во центарот на Скопје во еден хотел и веќе активно работат на црната кампања на СДС за претстоините избори.
„Ги повикуваме надлежните институции веднаш да се одважат и да се ангажираат за расчистување на овој скандал, да го откријат финансирањето на консултантот и вклучувањето на странски државјани во кампањата за изборите. Време е за промени. Следува одговорност за секој сторен криминал, за секој скандал и за секое крадење на народни пари“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.