Македонија
Закажана 95. владина седница
Денеска точно напладне треба да почне редовната 95. владина седница, која на дневниот ред, според најавите од Владата, ќе има повеќе точки.
На денешната седница Владата ќе ја разгледа информацијата за пренамена на средства од Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии за финансирање проекти од областа за наводнување, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат од прес-службата на Владата во чие соопшение се додава и дека Министерството за економија денеска пред министрите во Владата ќе ја презентира информацијата во врска со формирање работна група за Национален акциски план за енергија и клима.
„На денешната седница Владата ќе се произнесе и по информацијата за обезбедување деловен простор за проектот за отворање инфо-центар за евро-атлантски интеграции, на предлог на Министерството за надворешни работи. На оваа 95. седница на Владата на РМ, со дневниот ред е најавена и информација за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци, како и информација за анализа за алтернативна локација за изградба на нов Универзитетски клинички центар во Скопје и формирање работна група за вршење на анализата“, се посочува во соопштението.
Според најавите, денеска ќе се разгледа и информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес – Гевгелија. За дневниот ред на денешната седница на Владата, националната установа Археолошки музеј на Македонија – Скопје ќе информира и за реализација на меѓународната изложба со наслов „100 години Требениште“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80% од листите се истите пратеници кои спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ
„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.