Македонија
Законот за инспекциски надзор во животната средина на јавна расправа
Денеска се одржа јавна расправа по нацрт-законот за инспекциски надзор во животната средина кој е еден од законите од ова област што е најдолго во постапка на донесување.
„Убеден сум дека решенијата кои се нудат во овој закон ќе овозможат надминување на одредени констатирани слабости во функционирањето на инспекциските служби, пред сè во недостигот на кадар и неговата континуирана специјализација“, изјави министерот Нуредини, дополнувајќи дека не помалку значајни за зајакнување на инспекцискиот надзор се соработката на централно и локално ниво, заради координирано и навремено дејствување и обезбедување на соодветна заштита на медиумите и областите на животната средина.
Директорката на државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, посочи дека предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина треба овозможи донесување и користење алатки за стандардизација на надзорите и соработка помеѓу надлежните институции.
„Инициран е процес што ветува надополнување на одредбите на Законот за инспекциски надзор со специфики карактеристични за животната средина“, рече Петровска, нагласувајќи дека е важно истиот што поскоро да заврши со квалитетно законско решение.
Според Драгана Черепналковска од Секторот за Европска Унија во МЖСПП, спроведувањето на инспекцискиот надзор е значаен показател за процесот на спроведување на законодавството од областа на животната средина. Овој предлог-закон е подготвен уште во 2016 година во рамките на ЕУ твининг проект, а постапката за донесување е започнувана во неколку наврати. Законот е произлезен од потребата сите барања од ЕУ-директивите во однос на инспекторирањето да се вметнат на едно место. Законот опфаќа повеќе важни сегменти што ги следат промените во инспекцискиот надзор што се случија во измнатиов период. Главни прашања кои се уредуваат во предлог-законот се организација на инспекцискиот надзор во животната средина, планирање на инспекции во животна средина, почнувајќи од планирање и спроведување на инспекциски надзор во животната средина, надзор над законитоста на работата на органите на единиците на локална самоуправа .
На јавната расправа се отвори конструктивна дискусија од страна на присутните, меѓу кои имаше претставници на повеќе граѓански организации и општини и беа изнесени забалешки и коментари во насока на подобрување на предлог-законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски од Струмица: Управните служби ќе издаваат лични документи и во сабота
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на струмичкиот крај, каде што оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсекот за управни работи Струмица и канцеларијата за управни работи во Ново Село. Министерот Тошковски од страна на раководството на СВР Струмица беше брифиран дека, генерално, безбедносната состојба на подрачјето што го покриваат е стабилна и не се забележува позначајно зголемување на бројот на извршени кривични дела, а во тој поглед имаат солиден процент на реализација. Како проблем на чие решавање треба да се работи што побргу беше истакната слабата кадровска пополнетост, односно недостиг на човечки ресурси за работа.
„Во делот на управните служби би сакал да потенцирам дека во интерес на струмичани повторно ќе почне процес на издавање лични документи и во сабота (од наредната), а работиме на тоа да се издаваат лични документи и во текот на работната недела по 16 часот со цел луѓето, по завршување на работните обврски, да може да си ги подигнат готовите документи“, нагласи министерот Тошковски.
Што се однесува до канцеларијата за управни работи во Ново Село, и покрај опструкциите на Владата со поништувањето на наредбата на колешката, која доброволно прифати да помогне во овој дел, како што потенцира Тошковски, со почетокот на континуираното функционирање на базната станица таа опслужува граѓани од поширокото подрачје на Струмица и бројот на фотографирања на оваа територија се зголеми 32 %.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР