Македонија
Западен Балкан бара помош од ЕУ: „Овозможете да се приклучиме кон набавката на медицинска и заштитна опрема“
Со писмо адресирано до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, претседателите на парламентите од Западен Балкан побараа од Унијата помош за справување со коронавирусот.
Во писмото, Западен Балкан побара од ЕУ разгледување на вклученоста на регионот во Унијата во однос на шемата на авторизиран извоз, понатаму овозможување на Западен Балкан, доколку е неопходно, да стане дел од заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки и оттука да учествува во заедничката набавка на медицинска и заштитна опрема, како и разгледување на можноста за дозвола на регионот на Западен Балкан да ги пренамени постојните фондови од Инструментот за претпристапна помош (IPA II) за борба против пандемијата на коронавирусот, но и користење на сите други ЕУ-фондови достапни за оваа намена.
„Бараме Западен Балкан, кој секогаш јасно и недвосмислено нагласувал дека припаѓа во европското семејство, да биде изземен од одлуката за рестрикција на извоз на медицинска опрема од Европската Унија со цел да преку споделување на искуства и снабдување на неопходната опрема и медицински апарати, стане дел од Заедничкиот европски одговор во контекст на борбата против Ковид-19“, се наведува во писмото.
Дополнително на предложените мерки, во име на Парламентите, се поздравува секој вид помош која Европската Унија е подготвена да ја овозможи за регионот на Западен Балкан.
Потписници на писмото се Грамоз Ручи, претседател на парламентот на Република Албанија; Денис Звиздиќ, пpетседател на Претставничкиот дом на парламентарното Собрание на Босна и Херцеговина; Драган Човиќ, претседател на Народниот дом, Парламентарно собрание на Босна и Херцеговина; Вјоса Османи, претседател на Парламентот на Косово; Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот на Црна Горa, Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и Маја Гојковиќ, претседател на Националното собрание на Република Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.