Македонија
Почна изградбата на булеварот АСНОМ
Почна капиталниот проект на Град Скопје за поврзувањето на Аеродром со Ќерамидница со изградбата на булеварот АСНОМ и изградбата на мост на реката Вардар.
Ова е првата од трите фази на изградба на овој булевар, каде што во наредните фази ќе биде изграден мост на реката Вардар и негово спојувањето со булеварот Гоце Делчев. Со целосната реализација на овој капитален проект ќе се добие брзо, безбедно и модерно сообраќајно поврзување на општините Аеродром, Центар и Гази Баба.
„Градот Скопје ги заврши сите постапки и очекувам првата фаза од овој капитален проект да биде готова до крајот на оваа година по што ќе продолжи реализацијата на втората фаза и изградбата на мостот на реката Вардар. Ова е само еден од многуте инфраструктурни проекти што ќе ги реализираме годинава за подобрување на сообраќајната инфраструктура во Скопје. Во текот на оваа година целосно ќе го реконструираме булеварот Партизански одреди од крстосницата со булеварот 8 Септември до мостот Обединети нации во Влае и целосно ќе го реконструираме булеварот Кочо Рацин од крстосницата кај „Веро центарот“ до улицата 11 Октомври (Црвен крст). Паралелно со нив продолжува и изградбата на двата нови булевара -Христијан Тодоровски – Карпош и Босна и Херцеговина“, изјави Шилегов.
Во првата фаза од овој проект се врши проширување на булеварот АСНОМ, што се одвива на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со булеварот Васко Карангелески. Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, каде што новиот булевар АСНОМ ќе добие по 3 коловозни ленти од двете страни, средишно булеварско зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот, како и тактилни патеки за лицата со оштетен вид по целата должина на пешачките патеки.
Новиот булевар ќе биде осветлен со енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување, а ќе бидат поставени и нови сливници, кои ќе бидат поврзани со постојната атмосферска канализација.
Првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ е предвидена да заврши во рок од 6 месеци, а за неа Град Скопје ќе потроши околу 50,6 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Успешна е денталната операција – изведена транспозиција на нерв
Вчера успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјава.
Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.
Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Диана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување после извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.
Видео приказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамки на меѓународниот имплантолошки Конгрес кој почнува денес во хотел Хилтон, Скопје, а ќе трае до 20. април. Напредната хируршка техника за прв пат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на Конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.
Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите кои ќе бидат во центарот на вниманието на овој Конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање на напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.
Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: Д-р. Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, Д-р. Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, Д-р. Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, Д-р. Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, Др. Диана Бојковска, орален хирург и имплантолог.
Во Македонија за прв пат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME европски кредит поени.
Македонија
МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ
Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите, ќе се одработат во две саботи, односно на 18 мај и 1 јуни, објави претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Во дописот што го објави Неделков стои дека причината е за да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година.
МОН, покрај тоа, ги задолжува основните училишта во Град Скопје на 15 јуни да ги одработат и пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Неделков побара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече известувањето до училиштата.
„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови, прогласени од Владата заради одржување на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“, напиша Неделков на Фејсбук.
Владата претходно ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај.
Македонија
Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.
„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.
Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.
„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.
Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.
„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.