Македонија
Започна кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“
Во Музејот на современа уметност во Скопје официјално беше означен почетокот на кампањата за подигнување на јавната свест за елиминација на насилство врз жени во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“. Кампањата е дел од проектот WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичко учество на жените, имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ), а финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна поддршка (Сида).
Според квалитативното истражување спроведено од НДИ и Институт Охрид со 10 политички партии во Северна Македонија, а финансирано од УСАИД, дури шест од 10 (65%) политичарки искусиле некаков вид на насилство, додека 5 од 10 (54%) од тие жени изјавиле дека сторители на ова насилство се припадници на нивната сопствена политичка партија. Според истото истражување, најзастапени акти на насилство врз жените во политиката се: говор на омраза, навреди и клевети и мизогинистички и сексистички закани.
Токму затоа, кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“ има за цел да креира свесност за насилството врз жените во политиката притоа поттикнувајќи солидарност со жените од јавниот живот коишто се соочуваат со вакви предизвици и градејќи политичка култура којашто го поттикнува учеството на жените на сите нивоа на општеството без страв од сексистичка, мизогинистичка или злоупотреба со предрасуди и говор на омраза, заплашување и насилство.
На првиот настан од кампањата се обратија г. Микаел Атерхог, раководител на одделот за развојна соработка при Амбасадата на Шведска, г-ѓа Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија, и г. Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ.
На настанот, Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ, нагласи дека „Оваа кампања има за цел да ги информира луѓето што значи насилството врз жените и кои се неговите штетни последици; да ги охрабри луѓето да промовираат промени во социјалните и културните матрици на однесување и родово засновани стереотипи и да ги ОБЕДИНИ членовите на сите политички партии, жени во политиката и мажи сојузници да проговорат и да го осудат насилството врз жените.“
„Преку личното искуство одговорно тврдам дека секоја од нас барем еднаш во својата политичка кариера искусила некаков облик на насилство. И затоа притисокот врз жените во политиката е далеку поголем од притисокот врз мажите. Успех на маж е прифатлив, но не и на жена. Токму затоа со задоволство прифатив да бидам дел од
кампањата ‘Заокружи НE за насилство врз жени во политика’, затоа што само заедно, само обединети можеме да ги менуваме работите на подобро“ истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија.
„Време е да се каже НЕ за насилството врз жените. Насилството врз жените е глобална појава, но секоја земја мора да вложи заеднички напори за решавање на проблемот. Се надевам дека кампањата „Гласај НЕ за насилство врз жените во политиката“ ќе помогне да се намали насилството врз жените во политиката.“- потенцираше Микаел Атерхог, раководител на одделот за развојна соработка при Амбасадата на Шведска.
Кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политиката“ ќе трае се до крајот на Локалните избори 2021 година и ќе вклучува различни форми на информирање на граѓаните и поттикнување позитивни активности на традиционалните, но и дигиталните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ со обновливи извори на енергија ќе обезбеди поголемо и поквалитетно снабдување со електрична енергија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија одговарајќи на новинарски прашања истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе вложува во обновливи извори на енергија како што е ветерниот парк Богданци, со цел поголемо и поквалитетно производство на електрична енергија.
Во овој регион недалеку се гледа ветерниот пак Богданци кој го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваме и понатаму исто во околината, втората фаза, но и други можности се испитуваат за одреден вид на јавно приватно партнерство помеѓу денешно ЕСМ и приватни инвеститори за изградба на вакви енергетски капацитети, со што ќе се зголеми производното портфолио од обновлива енергија во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на тој начин ќе се обезбеди поквалитетно снабдување со електрична енергија до нашите граѓани, а воедно порача дека ќе се укине таксата за пристап до мрежа која ја наметна оваа власт.
– Она кое е важно, онаа наметната такса за пристап до мрежата која ја наметна октроираниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, целосно партизираниот Бислимовски, ќе биде укината. Цениме дека нема потреба од таков тип на оптоварување на граѓаните, изјави Мицкоски.
Македонија
Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите
Собранието со 78 гласа „за“ го донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Законот има цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите така и генералната и општата безбедност во државата, пред сè, преку воспоставување законска основа и формирање единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување систем за видеонадзор и користење боди-камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на правата од работниот однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.
Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата, со овој предлог-закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како, на пример, менување во голем дел на кривичното законодавство во земјата, со тоа и предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во неа, се додава во соопштението на Министерството за правда.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта, да состави документи, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави
Данела Арсовска запре градба на две основни училишта, запре градба на две градинки и сопре градба на едно затворено спортско игралиште, потребно за граѓаните на општините Гази Баба, Кисела вода и Аеродром.
Арсовска запре донесени одлуки на Советот на Град Скопје за ослободување од надоместоци за уредување градежно земјиште за овие проекти, со образложение дека биле, како самата вели, неписмени, истакна на прес-конференција Наум Столковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ја повикуваме Данела Арсовска таа сама да состави вакви документи, а Советот, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска, само ќе ги усвои.
Доколку Арсовска не е против нови градинки, училишта и затворени спортски објекти и ако не е против скопјани и Скопје, се очекува од неа најбргу таа самата да донесе писмени барања за овие пет проекти за скопјани, а Советот ќе ги прифати онака како што таа ќе ги достави, без сомнеж во високото ниво на писменост на Данела Арсовска“, дециден е Стоилковски.
Во спротивно, како што рече, Данела Арсовска само ќе докаже дека е продолжена рака на Миле Зечевиќ и на СДС наспроти вистинските потреби на скопјани за две градинки, две училишта и за спортски објекти.