Македонија
(Видео) Почна уредувањето и на втор зелен покрив во Скопје
Градот Скопје во соработка со УНДП почна со уредување на вториот зелен покрив во центарот на градот – покривот на Домот на градежници. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри ќе бидат засадени повеќе од 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое ќе биде функционално распоредено, ќе има тревна површина и вертикално зеленило поставено на ѕидовите, ќе се постават и клупи и друга урбана опрема, а ќе се врати и култното кино.
„Денеска почнуваме голема реконструкција на покривот на Домот на градежниците – една култна стара зграда во центарот на Скопје, изградена пред децении, којашто во своето златно доба била место каде што се собирале градежните работници и учествувале во своето културно издигнување. Посебно бил значаен покривот на таа зграда каде што се случувале многу културни настани. Познат е како „Киното на Домот на градежници“ кое со овој зелен покрив ќе го вратиме. Она што планираме да го направиме овде е по примерот на покривот на ГТЦ којшто беше огромен успех, го посетија 100.000 луѓе за само една година и стана едно од местата кои скопјани ги користат за своите фоторазгледници и за своите свадбени фотографии. Сега правиме ново место во центарот, во Мал ринг, каде што ја идентификувавме потребата да се бориме против топлотниот остров што го создава покривот на оваа зграда. Очекуваме дека по реконструкцијата, просечната температура на годишно ниво ќе биде намалена за три степени, а во лето ќе биде драстично намалена температурата пред околните згради“, рече Никола Наумоски, претставник од Град Скопје, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека покривот на Домот на градежници има две нивоа, а и на двете нивоа ќе биде поставено зеленило.
„Дополнително, околу оградата ќе биде поставен дрворед од густи дрвја за да не им пречиме на граѓаните од околните згради со нашето присуство“, објасни Наумоски.
Запуштениот и руиниран покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте места наречени „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемување на просечната температура во градот. Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7%.
Проектот за изградбата на Зелен покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје (во вредност од околу 18,5 милиони денари), а имплементиран е во соработка и со поддршка од УНДП.
На почетокот на уредувањето на зелениот покрив на Домот на градежници денеска присуствуваа и заменик постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во нашата земја, Сања Бојаниќ, и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Овој покрив ќе се трансформира од ‘топлотен остров’ каков што е сега, во ‘зелен остров’ кој ќе ја намалува температурата, ќе ја контролира влажноста, ќе го подобрува квалитетот на воздухот и сè на сè ќе го подобрува квалитетот на животот на граѓаните на Скопје. Ова е придонес Скопје да стане поотпорно и позелено место“, рече Бојаниќ. Градоначалникот Богдановиќ го изрази своето задоволство од реализацијата на овој проект, кој ќе придонесе за поотпорно Скопје, а ќе понуди и можност за рекреација за граѓаните, особено за младите луѓе да учествуваат во различни културни активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласови односно 0,90%. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласови, додека во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на фејсбук.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски- Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за една од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.
Македонија
Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници
Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини.
Според податоците на ДИК, Давкова на вчерашниот прв круг победи во 60 општини, а Османи во 15. Понатаму, Пендарвски освои најмногу гласови во три општини, а Арбен Таравари во една, како и Максим Димитриевски.
Со тоа Силајовска има најмногу освоени гласови во Аеродром (51,48 %), Берово (54,92 %), Битола (48,44 %), Богданци (49,59 %), Босилево (57,61 %), Брвеница (33,54 %), Бутел (43,91 %), Валандово (50,29 %), Василево (60,18 %), Вевчани (56,15 %), Велес (53,57 %), Виница (56,71 %), Гази Баба (53,68 %), Гевгелија (52,62 %), Ѓорче Петров (51,58 %), Градско (64,27 %), Дебарца (57,06 %), Делчево (47, 08 %), Демир Капија (54,77 %), Демир Хисар (52,92 %), Дојран (52,58 %), Зелениково (53,35 %), Зрновци (61,15 %), Илинден (62,96 %), Јегуновце (47,49 %), Кавадарци (50,84 %), Карбинци (61,22 %), Карпош (40,82 %), Кисела Вода (57,67 %), Кичево (39,84 %), Конче (57,85 %), Кочани (53,10 %), Кратово (62,84 %), Крива Паланка (47,05 %), Кривогаштани (54,84 %), Лозово (53,09 %), Македонска Каменица (50,96 %), Македонски Брод (55,86 %), Могила (63,48 %), Неготино (49,02 %), Новаци (61,88 %), Ново Село (56,84 %), Охрид (53,89 %), Петровец (59,05 %), Пехчево (53,97 %), Прилеп (51,42 %), Пробиштип (52,03 %), Радовиш (56,34 %), Ранковце (54,34 %), Ресен (47,64 %), Росоман (51,36 %), Свети Николе (57,63 %), Сопиште (49,44 %), Старо Нагоричане (37,59 %), Струмица (47,06 %), Центар (39,98 %), Чашка (32,70 %), Чешиново-Облешево (58,93 %), Чучер Сандево (36,35 %) и во Штип (53,44 %),
Стево Пендаровски освои најмногу гласови во: Крушево (43,02 %), Маврово и Ростуша (44,04 %) и во Центар Жупа (34,95 %).
Бујар Османи победи во: Арачиново (53,51 %), Боговиње (55,33 %), Врапчиште (58,02 %), Дебар (49,88 %), Долнени (32,95 %), Желино (49,45 %), Липково (56,83 %), Пласница (66,91 %), Сарај (55,49 %), Струга (39,38 %), Студеничани (50,54 %), Теарце (41,30 %), Тетово (37,91 %), Чаир (40,65 %), Шуто Оризари (37,11 %)
Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 %), а Максим Димитриевски во Куманово (22,89 %).