Македонија
Почнува кампањата „Не суди кој кого љуби!“
Почнува националната кампања против насилство и дискриминација на ЛГБТИ-луѓето под мотото „Не суди кој кого љуби!“, во која учествуваат пратеници од различни политички партии, членови на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ-правата. Целта на кампањата е да ја зголеми јавната свест за проблемот со насилството засновано на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и да влијае на намалување на предрасудите кон ЛГБТИ-луѓето, кои доведуваат до прекршување на нивните права, а често ескалираат во физичко насилство.
„Негувањето на културата на неказнивост на сторителите на насилство и дискриминација од страна на институциите и непостоењето на соодветна законска заштита за ЛГБТИ-луѓето во Македонија создаде атмосфера на небезбедност, социјално искучување, но и сериозни последици по нивното здравје и добросостојба. Нападите врз ЛГБТИ-луѓето кои се случија во претходните години сѐ уште се заглавени во Јавното обвинителство, а насилниците остануваат неказнети“, велат од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
„Во Коалицијата ‘Маргини’, заклучно со ноември 2018, се документирани 69 случаи во кои има различни облици на насилство врз ЛГБТИ-луѓето. Во 4 случаи самите полициски службеници се сторители на вербално насилство. Непрофесионалниот третман од страна на полициските службеници, демотивирањето на жртвите да пријават случаи, непочитувањето на приватноста, исмевањето и виктимизацијата со која се соочуваат ЛГБТИ-луѓето во полициските станици се проблем кој Министерството за внатрешни работи треба да го решава, меѓу другото, и со казнување на непрофесионалниот третман“, изјави Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалицијата „Маргини“.
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето, рече дека подобрувањето на законските решенија во врска со сексуалната ориентација и родовиот идентитет и нивната успешна имплементација се приоритет на Интерпартиската парламентарна група која брои 14 пратеници и пратенички од различни политички партии во Собранието.
„Работата на оваа неформална парламентарна група, засега единствена во поширокиот регион и нејзиното формирање беше истакнато во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Исто така, една од главните цели на групата е борба против предрасудите, говорот на омраза, дискриминацијата и насилството, па затоа и се вклучивме како пратеници во оваа кампања“, изјави Морачанин.
Павле Богоевски, независен пратеник и заменик-координатор на групата, истакна дека борбата за внесување на сексуалната ориентацијата и родовиот идентитет под чадорот на системот за заштита од дискриминација трае речиси 10 години, но оваа заложба не можеше да го помине политичкиот филтер. Богоевски истакна дека во моментот има политичка волја, иако сé уште постојат бројни пречки поради кои законот веќе пет месеци е заглавен во законодавниот дом.
Кампањата ја спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ-центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права, со поддршка на Интерпартиската парламентарна група, во рамки на проектот „Собранието и локалните самоуправи во унапредувањето на правата на ЛГБТ“, кој е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Кампањата под слоганот „Не суди кој кого љуби!“ ќе се прикажува на три национални телевизии и ќе се споделува на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик
Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари, во едно од своите ветувања на политичката платформа, јасно наведува дека ќе се погрижи навредливата дефиниција на албанскиот јазик како „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 %од граѓани“ да се елиминира од Уставот.
„Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик како „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните„ и албанскиот јазик, во неговото писмо, да биде службен јазик на целата територија на државата на еднакво ниво со македонскиот јазик“.
Македонија
Ковачки: Во рамките на проектот „Злетовица“, изградба на шест мали и две хидроцентрали со цевководи за водоснабдување на општините Пробиштип и на Кратово
Изминатите години се години кои се црно минато за нашата држава. Години кои ќе сакаме да ги заборавиме и никогаш повеќе да не ни се повторат. Години на тешки национални предавства, криминал и корупција од енормни размери, опасна економска катастрофа, јавен долг од 8,8 милијарди евра, најниски плати и пензии во Европа, а највисока инфлација во регионот и пошироко. СДС-ДУИ забегаа во секоја смисла на зборот, без никакви чувства, без никакви сопирачки, рече Драган Ковачки, носител на листата на пратеници во третата изборна единица од митингот во Кратово во рамките на предизборната кампања за парламентарни и претседателски избори.
Ковачки истакна дека иселувањето има земено загрижувачки размери, огромен дел од младите размислуваат за селење во странство и скоро да нема фамилија што нема свои блиски раселени по белиот свет, при што запраша каде се сега СДС да оставаат чевли пред Влада, како симбол за сите наши што се иселија.
„Устата им е полна со Европската Унија“, рече Ковачки и додаде, „ама во Европската Унија заминаа само тие што се иселија, сите останати сме тука во татковината, грчевито се бориме на парчето земја кое го населувале нашите татковци, дедовци и прадедовци и сакаме тука да останеме, да живееме нормално и да бидеме во друштво со европските народи“.
Ковачки посочи дека за тоа да се реализира треба работа, многу работа, многу напредок и љубов за сопствената земја за што ВМРО-ДПМНЕ како во минатото, така и во иднина ќе работи за интересите на сите граѓани и на граѓаните од Кратово.
Пред присутните на народниот собир во Кратово, Ковачки наброја дел од проектите предвидени во предизборната програма „Платформа 1198“ кои ќе бидат реализирани во градот во наредниот четири годишен мандат.
„Во рамките на третата фаза од проектот „Злетовица“ – Предвидуваме изградба на шест мали хидроцентрали меѓу кои и две хидроцентрали со цевководи за водоснабдување на општините Пробиштип и на Кратово;
Предвидуваме заживување на проектот „Плавица“ и отворање на Рудникот за бакар, злато и сребро;
Изградба на дом за стари лица во Кратово;
Реконструкција на детска градинка Царка Андреевска;
Реконструкција на градска сала;
Регулација на речно корито и изградба на колекторски систем за уредување на дел од Манцева река и дел од Кратовска река;
Реконструкција на патиштата до селата Близанци, Куново, Мушково и Нежилово до Каврак;
Изградба на мала пречистителна станица во село Приковци;
Реконструкција на зградата на поранешна Кристалограверница и многу други проекти кои што планираме да ги реализираме во Кратово“, рече Ковачки.
Македонија
Османи: Го институционализиравме достоинството на нашиот народ, но мисијата сè уште не е завршена
Форумот на жени и Форумот на млади на ДУИ, огранок Сарај, организираа отворена дебата со кандидатот за претседател Бујар Османи и кандидатите за пратеници од Европскиот фронт во ИЕ1 Блерим Беџети и Наим Бајрами.
Кандидатот за претседател Бујар Османи им вети на младите од Сарај дека како следен претседател ќе создаде држава во која без разлика на етничката припадност секој ќе има можност да ги оствари своите соништа.
Османи го опиша Европскиот фронт како идеја чие време е дојдено.
„Од исклучен народ сега сме народ кој го постигна првиот премиер Албанец. Го институционализиравме достоинството на нашиот народ. Почнавме да ги уриваме моноетничките тврдини: претседателот на Собранието, првиот премиер, но сè уште не сме завршиле, бидејќи сè уште имаме тврдина која за нас е забранета зона. Оваа мисија е света и не случајна. Затоа ве повикувам да ја одобрите“, рече Османи.
Кандидатите за пратеници Блерим Беџети и Наим Бајрами побараа од младите масовна поддршка за Бујар Османи и Европскиот фронт. Поканија на 24 април и на 8 мај да биде запечатена големата победа на Фронтот, со која ќе се заокружи последната мисија за етничка еднаквост и ќе се заокружи европскиот сон на младите во Северна Македонија.
Во текот на денешниот ден, караванот на Бујар Османи пристигна во Сарај и неговата околина, односно во селата Кондово, Бојане и Копаница.