Македонија
Засилени инспекциски контроли поради палењето стрништа и шумски пожари
Државниот инспекторат за земјоделство заедно со Државниот инспекторат за шумарство и ловство како органи во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги интензивира контролите на терен поради палењето земјоделско земјиште, стрништа и шумските пожари, јави МЗШВ.
Во повеќе наврати двата инспектората имаат извршено контроли на теренот, при што се откриени сторители што палат бесправно стрништа и друга сува тревна отпадна вегетација на земјоделски површини. Од Министерството појаснуваат дека Државниот инспекторат за земјоделство преку државните инспектори за земјоделство извршил 50 инспекциски надзори за што се составени 50 записници, издадени се 10 платни налози, од кои 9 се платени, а за 10 прекршители постапката е во тек .
ДИЗ апелира земјоделците и сите лица да ги почитуваат одредбите од Законот за земјоделското земјиште дека корисниците на земјоделско земјиште се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари во согласност со прописите за заштита од пожари, а доколку се констатираат правни или физички лица да постапуваат спротивно на законот, веднаш да се преземаат мерки поради сторен прекршок.
На последниот состанок на Регионалниот штаб договорено е да се вршат заеднички контроли на терен со претставници на МВР, ТППЕ и ДИЗ, каде што има земјоделски површини и постои опасност од палење стрништа.
Државниот инспекторат за шумарство и ловство, во согласност со одредбите на Закон за шумите, е овластен да врши инспекциски надзор за спроведување на одредбите од Закон за шумите.
Државниот инспекторат за шумарство и ловство им даде наредби на сите шумарски и ловни инспектори за вонредни инспекциски надзори на субјектите што стопанисуваат со шумите во делот на спроведување на годишните оперативни планови и исто така ги задолжи концесионерите на ловиштата да вршат опсервирање за заштита на ловиштата од пожари и за нивно диретно вклучување за заштита на ловиштата од пожари преку своето членство.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира на крајно внимателно и одговорно однесување на сите лица што извршуваат активности во земјоделството и шумите.
Временските услови, кои се значително погодни за појава на пожари на отворен простор, на земјоделски површини и во шумските предели, покрај огромната штета кај земјоделските култури и добитокот, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот. Единиците на противпожарната бригада во неколку наврати и пред неколку месеци интервенираа со гаснење огнени стихии, а интервенции имаше и од Центарот за управување со кризи.
Само во тековниот месец ЈП „Национални шуми“ евидентира 70-ина пожари со опожарена површина од 1.600 хектари. Со цел намалување и одговорно однесување, МЗШВ потсетува дека палењето пожари е забрането и тоа дело е казниво според законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса и ќе заглавиме во изолација
Со ВМРО повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса, а Мицкоски за тоа ќе ја обвинува ЕУ бидејќи тој не е човек кој презема одговорност за ништо, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина вечерва во Охрид.
-Сега повторно слушаме како ВМРО ДПМНЕ сее страв дека со членството во ЕУ ќе сме ја изгубеле државата. Мицкоски и Силјановска ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во ЕУ. Но, верувајте почитувани Охриѓани, тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои нигде освен во нивните глави. ВМРО ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Ние заедно нема да дозволиме да си поигруваат со нашата иднина и иднината на нашите деца, рече Ковачевски.
Вчера, токму тука во Охрид, Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Не би ме чудело да е спремен и засекогаш да спушти рампа на патот на Македонија кон ЕУ, додаде Ковачевски.
-Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ и за јуриш кон европската идеја. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што вие треба да ја донесете на овие избори. Едната опција се Мицкоски, Силјановска и ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски со повик до опозицијата за национално единство
Живееме во тешки времиња. Државата е во хаос, институциите се парализирани, апатија и разочараност се чувствува насекаде. Изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изигрувана. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете награѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може да се промени тоа, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Крива Паланка.
Мицкоски додаде дека овие избори се последна шанса за спас, промените се можни и се на дофат, а народот бара промени затоа што Македонија е изморена од чекање.
Народот нема контрола врз сопствената држава затоа што стотина луѓе од ДУИ управуваат со цела Македонија. Се создаден артаноиден режим кој е дополнуван и ослужуван од слугите од СДСМ и Ковачевски. Тие тоа го прават за да купат ден повеќе, а ДУИ за да украде милион повеќе. Оваа држава не се создаде за да им служи и биде јагма на Ковачевски, Талат, Ахмети, Бујар или Зечевиќ, туку да им служи на граѓаните на Македонија, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДСМ разработуваат е своевиден заговор против Македонија, наместо да поработат на понуда и план за излез од кризата, тие од ДУИ и СДС земале дигитроните и прават математика колку може да си поделат од позициите и државните функции.
– ДУИ со нивните коалициони сакале 70 посто од министерствата, компаниите, институциите, а 30 само 30 посто за СДСМ и Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети земи бел лист ххартија напиши колку треба за СДСМ ние ќе прифатиме. Ете на тоа дереџе падна СДСМ, и со тој образ ѓон партијата ја сведоа на најниските гранки. Од друга страна дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со инаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И оваа завера нема да ви помине, истакна Мицкоски.
Според него исто така и Стево Пендаровски е активно вклучен во молење кон странците, но секоја врата му е затворена и треба да знаат дека ќе изгубат силно и убедливо.
Мицкоски им се обрати на неопределените и тивкото мнозинство велејќи дека тоа се луѓе со извонредни капацитети кои ги повика да гласаат и да ја поддржат ја опцијата која ќе ја направи Македонија повторно твоја.
– Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски посочи дека подава рака за обединување во битката против оваа ненародна власт предводена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ, затоа што гласањето и излегувањето на овие избори не е само наше уставно право туку и чин на патриотска должност, а прифаќањето на подадената рака ќе значи дека искрено и чесно сите се бориме против оваа власт.
Изборите на 24 април, па потоа на 8 мај се таа шанса за народот. Неизлегувањето на изборите е поддршка и награда за сите оние кои се лоши политичари. Гласањето на овие избори и поддршката прво на професорката Гордана Силјановска Давкова потоа и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија значи приклучување кон единствената сила за промени ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека „Платформа 1198“ им конкретни проекти што ќе ја обноват и ќе ја преобликуваат нашата иднина, но и кои ќе утврдат јасна траекторија за нашите граѓани.
Ветуваме економски раст до 5 %, Отворање на 55 илјади нови работни места, Фронт против корупција. Проверка на имотот на судиите и јавните обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестиции во општините. Реорганизација на министерствата и институциите и ќе го намалиме бројот на функционери. Грижа за најранливите категории преку повеќе мерки и реформи меѓу кои и зголемување на надоместок за социјална заштита. Зголемување на пензиите за 5 000 денари за сите пензионери. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, посебна финансиска поддршка за мајките преку поврат на даноци и 6 бесплатни оплодувања ин витро, демографијата е многу важна. Поевтини сметки за струја преку укинување на тарифата за пристап до мрежа, 800 милиони евра за македонското земјоделство и уште многу други проекти, изјави Мицкоски.
Македонија
Ковачки: Предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри
„Македонија е во претешка состојба. Економијата е крахирана, системот е девастиран, а криминалот и корупцијата длабоко навлезени во секоја пора од општеството. Со ДУИ и измеќарите од СДС, животот никогаш не бил потежок. Нема ден да помине без некој нов коруптивен скандал или афера. Ненормалното го претставуваат како нормално, наспроти вистинските вредности и принципи врз кои треба да ја темелиме иднината на Македонија и народот“, истакна носителот на ИЕ3, Драган Ковачки од митингот во Крива Паланка.
Ковачки додаде дека скандалите и аферите се секојдневие. Нема тендер, а да не е сомнителен, нема работа во која власта на ДУИ и СДС нема некој процент или екстра заработувачка. Се им се врти околу екстра заработувачка. Додека граѓаните потонаа во сиромаштија и беда, тие го окрупнуваа своето богатството.
„На Димитар Ковачевски му беше прифатливо се што ќе Али Ахмети, затоа што тоа му беше единствен спас за да опстои на власт, државата им ја даде на тацна на ДУИ. А, на сметка на тоа на граѓаните им дадоа апатија и разочараност, државата ја потонаа во долгови, со највисока стапка на инфлација и рекордер по сиромаштија“, укажа тој.
„Овие избори се историски момент во кои мораме да одбереме помеѓу два концепта. Едниот концепт го нуди ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е „Платформа 1198“, проекти, реформи, иднина, надеж, а другиот концепт е на ДУИ и СДС, корупцијата, непотизмот, партизираното судство, милионските тендери и екстра профити“, нагласи Ковачки.
Тој посочи дека „Платформа 1198“ подразбира Македонија да биде повторно твоја, во рацете на граѓаните.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на економски раст од 5 проценти, намалување на невработеноста на 7,5 проценти и нови 55.000 вработувања, на ниски даноци и рамен данок, на 2 милијарди евра за патна инфраструктура, изградба на нови патишта и реконструкција на постоечките. Ветуваме конечна изградба на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип. Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 3 милијарди инвестиции, привлекување на директни странски инвестиции и поддршка за домашното стопанство“, порача тој.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на 50 милиони евра за спортот, 5.000 денари линеарно покачување на пензиите на сите пензионери во првата година од мандатот, почитување на колективниот договор во образованието и конечно добивање на она кое што го заслужуваат, повисоки плати за просветните работници, 250 милиони евра реалокација на средства од државниот буџет за општините за една година, или една милијарда евра за четири години од мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ“, укажа Ковачки.
Ковачки рече дека со „Платформа 1198“ се обврзуваат на 800 милиони евра за земјоделците, гарантиран откуп и загарантирани цени на земјоделските производи.
„Исто така „Платформа 1198“ подразбира бескомпромисна борба против криминалот и против корупцијата. Само така од Македонија повторно ќе направиме правична држава, во која владее правото и во која секој кој се огрешил пред законот, соодветно ќе одговара. Нема повеќе, законот да важи само за граѓаните, а не и за владата на СДС и ДУИ. Туку за сите подеднакво. Секој еден кој погрешил, ќе мора да си добие соодветна казна“, додаде тој.
„Овде во Крива Паланка со „Платформа 1198“ предвидуваме поврзување на Крива Паланка со Македонска Каменица со асфалт, пат Тораница – Саса во должина од 19 километри, предвидуваме доизградба на главен фекален колектор по фази и докоплеменетирање на техничката документација за пречистителна станица, изградба на нов водоводен систем од Љуњки до село Конопница. Предвидуваме исто така изградба на делница од Страцин до Длабочница како дел од експресниот пат А2, од Ранковце до Крива Паланка од патниот коридор 8 кон Република Бугарија“, истакна Ковачки.
Ковачки од Крива Паланка порача дека ова е последна шанса за да се делегитимираат корумпираните елити на СДС и ДУИ. Да се делегитимира нелегитимниот Димитар Ковачевски кој на тацна им ја даде Македонија на ДУИ и стопанот Али Ахмети.